Голем број работници од градежниот сектор и угостителството, летово заминаа на работа во Србија, Хрватска, Црна Гора… каде што платите се многу повисоки од нашите. Дневницата на градежен работник во Србија е над 50 евра, а платите достигнуваат и до 3.000 евра месечно. Слична е ситуацијата и во Хрватска и Црна Гора каде што платите се многу повисоки од нашите, а работа има речиси секаде. Од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање велат дека освен во земјите од регионот голем број градежни работници ќе заминат на работа во Германија, каде што овој кадар е дефицитарен, а платите се движат и до 4.500 евра.
– Главен фактор поради кој нашите работници заминуваат на работа во Германија и во земјите во регионот се платите. Условите за работа се секаде исти и во Германија работниците работат на сонце, на дожд но за плата од 4.500 евра, а не за 500 евра. Кај нас за да дојдат до таа плата, работниците треба да работат и саботи и празници. И во земјите во регионот, Србија, Хрватска, Црна Гора, платите се повисоки од нашите и многу работници заминаа сезонски на работа во овие земји, вели за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање.
Тој вели дека во Србија има поголема потреба од градежни работници, бидејќи има големи инфраструктурни проекти. Се надеваме дека и кај нас доколку Владата ангажира повеќе домашни градежни работници за извршување на инфраструктурни проекти може и платите да пораснат.
-Допрва ќе се соочуваме со недостиг на работна сила бидејќи има многу слаб интерес од младите за студирање и за запишување во средни градежни училишта. Причината повторно се платите, кој во нискоградба изнесуваат 33.000, а во високоградба 36.000 денари. Со оглед на тоа дека само Албанија има пониска минимална и просечна плата од Македонија, тоа значи дека само работниците од оваа земја можат да дојдат да работат кај нас, објаснува Пешевски.
Тој апелира до работодавачите да ги почитуваат мерките за заштита од топлото време, односно работниците да не работат на сонце од 11 до 17 часот.
Од Синдикатот појаснуваат дека соседните земји и Германија имаат многу подобри услови во делот на безбедност и здравје при работа. Механизмот на превентива е подобар, работниците имаат задолжителна лична заштитна опрема и други превентивни мерки. Кај нас работодавачите ставаат многу мал акцент на заштитата на работниците поради што се случуваат и многу повеќе повреди на работните места.
Работодавците од регионот алармираат дека овој период е многу тешко да се дојде до работник, особено што голем број луѓе заминуваат на работа во некои од туристичките центри. Иако дневниците на градилиштата одат и над 50 евра, сепак работата на море привлекува голем број работници, бидејќи заработката е неколкукратно поголема.
Лани имавме намален број на градежни работници од над 12 илјади, а годинава се очекува таа бројка уште повеќе да се зголеми со оглед на тоа што секаде има недостиг на градежници.