Актуелно 18.07.2023 13:21

Водата во Охридското Езеро е прва категорија, вели Пецаков

Водата во Охридското Езеро е прва категорија, вели Пецаков

Хотели, туристички населби, приватни куќи со септички јами, шанкови поставени на брегот, испусни цевки за собирање на атмосферски води и автокампови го загадуваат Охридското Езеро. Колекторскиот систем кој не го покрива целото крајбрежје, објекти кои цевките со отпадна вода директно ги насочуваат кон езерото, како и мешањето на атмосферската и фекалната канализација се „тивки“ уништувачи на и онака загрозениот еко-систем.

Слабостите од заштитата на најголемиот туристички центар во земјата – Охрид, како и за состојбата со езерските води во Преспа и Дојран се нотираат во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје, кој редовно се објавува во пресрет на туристичката сезона. Иако податоците и испитувањата на водата од трите природни езера укажуваат дека таа е со задоволителен квалитет за капење, а на најголем дел од плажите е оценета како одлична, сепак одредени забелешки од извештајот укажуваат од потребата за итно преземање на мерки за заштита на езерата.

Што ја расипува сликата?

Екипа од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Охрид вршела проверки на целото крајбрежје на Охридското Езеро од Св. Наум до с. Радожда со цел да се откријат потенцијалните загадувачи на езерската вода и да се преземат мерки за нивно навремено санирање. Што покажале теренските испитувања?

За заштита на Охридското Езеро е изграден колекторски систем кој ги собира отпадните води од градовите Охрид и Струга, кои потоа се пречистуваат во пречистителната станица во с. Враништа. Но, постојат објекти кои со години не се приклучени на колекторскиот систем и претставуваат потенцијални загадувачи. Во извештајот се посочува дека станува збор за хотелско – угостителските објекти, како и туристичките населби кои се сместени по должината на Охридското крајбрежје од хотел Десарет до Св. Наум, како и хотелско – угостителските објекти и туристичките населби од Струга до с. Радожда. На овој потег единствено приклучен на колекторскиот систем е хотелот „Макпетрол” преку колекторскиот систем од с. Радолишта, Хотел Бисер и с. Калишта. Проблем се и приватни куќи сместени на брегот од Охридското Езеро од плажата Сараиште до црквата Св. Софија до населбата Канео, кои исто така не се приклучени на колекторот.

Хотели, туристички населби, приватни куќи со септички јами, шанкови поставени на брегот, испусни цевки за собирање на атмосферски води и автокампови го загадуваат Охридското ЕзероФотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska
Хотел „Десарет”, автокампот „Градиште”, „Љубаништа” и „Ливадишта“; ресторан „Острово” и другите угостителски објекти во „Св. Наум”, се приклучени на канализациониот систем кој е изграден во Св. Наум 2013 година, но тој не функционира, се вели во извештајот. Во фазата на третман на отпадни води, според ИЈЗ, постои само дробилица за фекалните материи, но не постојат филтри и нема хлорирање на отпадната вода пред испуст во езеро, со што претставува директен загадувач на езерото.

Приватните куќи долж целиот брег, како и селските населби: Трпејца, Љубаништа и Радожда за комуналните отпадни води користат септички јами чие празнење на места го врши јавната комунална служба. Во село Радожда, септичките јами од куќите или директно се празнат во езерото, или, бидејќи се наоѓаат на самиот брег, од плажата понираат во езерото и на тој начин се директни загадувачи на истото, се додава во извештајот.

Каков е квалитетот а водата?

Анализите на 50 примероци површинска вода земени од 39 плажи на охридското крајбрежје покажале дека на 30 локации водата е одлична за капење. Во однос на микробиолошките параметри, квалитетот на примероците површинска вода од мерните места Пристаниште (плажа), Градска плажа Мизо, Андон Дуков (плажа), Машка и Женска плажа Струга, хотел Бисер Струга (плажа), с. Калишта Струга (плажа), Радожда Струга (плажа), камп Ас Струга (плажа), се оценуваат како добри..

„Водата каде што уживаат туристите е од прва класа“, вели за ДВ, охридскиот градоначалник, Кирил Пецаков. Според него, реалноста е дека најголемиот дел од крајбрежјето е покриено со колекторскиот систем кој што е во функција.