Економија 08.08.2023 10:03

Се забрануваат пластичните чаши од 1 денар и стапчињата за чистење уши, а се воведуваат хартиени сламки за пиење?

Се забрануваат пластичните чаши од 1 денар и стапчињата за чистење уши, а се воведуваат хартиени сламки за пиење?

Хрватска прва во регионот потегна нога и воведе забрана на сите пластични производи за еднократна употреба, вклучително и пластичните ќеси за пазарење кои се забранети и кај нас.

Но, како што веќе објавија дел од медиумите од регионот, сега се готви и нова забрана на пластични производи, а во забранетите продукти ќе припаднат сламките за пиење, пластичните чаши, тањирите, лажиците, па сѐ до стапчињата за чистење уши.

Освен забранетите ќеси за пазарење, кај нас полека се искоренува употребата на пластични сламки за пиење, па во продавниците сѐ почесто се нуди нивна замена со што не се загадува животната средина.

Некои земји, пак, дури размислуваат во блиска иднина да воведат забрана за користење на ќесите за замрзнување, бидејќи и тие биле штетни за природата.

Нов Зеланд беше првата земја во светот која ја воведе забраната за употреба на пластични ќеси во супермаркетите, а забраната сега таму важи дури и за тенките ќеси кои обично се користат за овошје и за зеленчук.

И сето ова е еден тренд кој веќе станува глобален, односно тренд кон кој регионот веќе целосно се приклонува, но и тренд кој со брзи чекори ита кон Македонија.

Според најавите, наскоро и кај нас ќе бидат забранети пластичните лажици за мешање додека готвите, како и пластичните држачи за балони, освен оние кои се наменети за индустриска употреба.
Најавено е да има забрана на сите пластични садови, како и на стапчињата за чистење уши, освен оние кои се користат во медицински цели.

Со посебна уредба на ЕУ се наложува стопирање и на продажбата на пакувања за храна и пијалаци кои се изработени од пластика, односно од експандирана полистирена, како и оксо-разградлива пластика.

Во сѐ повеќе кафулиња во земјава отсега наместо пластична сламка во нескафето ќе се служи хартиена сламка, која засега не ја бие добар глас со оглед на тоа што се топи во устата.

Во земјава, според последниот Извештај на Министерството за животна средина, кој се базира врз податоци на компаниите кои управуваат со отпадот од пакување, на пазарот се пуштени 31.750 тони пластика.

Постапувачите со отпад собрале 21.055 тони, а преработени се само 6.737 тони пластика. Засега нема податок колку од овој отпад се пластичи ќеси.

Асоцијацијата за управување со отпад, пак, лани излезе со податок дека во земјава годишно се употребуваат помеѓу 120 и 150 милиони пластични ќеси, а тоа се близу 2.000 тони пластика.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека лани компаниите во земјава произвеле околу 5.000 тони пластична амбалажа, вреќи и ќеси.