Министерството за транспорт и врски на 28 јули му префрли уште 443.602.000 денари на јавното претпријатие „Државни патишта“, што е трета трансакција по ред наменета за „Бехтел и Енка“, изведувачот кој треба да ги гради автопатите од Коридор 8 и 10д.
Од „Државни патишта“ потврдуваат дека овие 7,2 милиони евра се наменети за проектот за изградба на автопатите од страна на конзорциумот „Бехтел и Енка“, а од таму додаваат дека не станува збор за вонредна сума која треба да му се исплати на изведувачот.
„Јавното претпријатие за државни патишта известува дека врз основа на обврските од Договорот за реализација на делниците на Коридор 8 и 10 д, а согласно со Програмата за финансирање на патната инфраструктура за проектите на Коридорите 8 и 10 д за 2023 година усвоена од Владата на РСМ и објавена во Службен весник бр.63/23, исплатени се средства во висина од 443.602.000 денари.
Овие средства се наменети за плаќање согласно со член 14.2. од Договорот за изградба на Коридор 8 и Коридорот 10Д, односно за мобилизација, набавка на опрема, бази и материјали за изведувачот и за поддршка на пристап до средства, за геоемханички испитувања, мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување на кампови, лабараторија и други работи од страна на изведувачот“, гласи одговорот кој го добивме од ЈПДП.
Јавното претпријатие на 23 јуни доби 53,33 милиони евра за „Бехтел и Енка“, а претходно на 26 април беа исплатени 117 милиони евра. Тоа значи дека до „Бехтел и Енка“ досега се префрлени околу 175 милиони евра.
Последната трета трансакција не е усогласена со владината Програма за финансирање на патна инфраструктура за проектот Коридор 8 и Коридор 10д за 2023 година, според која „Бехтел и Енка“ прво требаше да добие 117, па 50 и 25,5 милиони евра како трета исплата.
Според овој документ, до крајот на 2023 предвидено е на „Бехтел и Енка“ да му се исплатат уште две суми од 25.500.000 и 49.500.000 евра, што се заедно на куп би било околу 250 милиони евра.
Владата досега организираше три настани во врска со почетокот на изградбата на овој проект, иако засега нема интензивни и видливи теренски активности од градежниот оператор. Последниот настан беше на 1 јуни кога беа одбележани активности за геомеханичко испитување на земјиштето каде ќе минува алтернативниот пат на автопатот Тетово-Гостивар.
Според последната изјава на директорот Ејуп Рустеми дадена во јули, моментно се вршат геомеханичките испитувања, а за проектирање на трасите ќе бидат ангажирани сите расположливи капацитети во државата. Се подготвуваат, нагласи, и елаборатите за експропријација.
-Продолжуваме со плаќањето кон „Бехтел и Енка“, според Договорот што го имаме потпишано и според финансиската програма одобрена од Владата. Досега се исплатени околу 167 милиони евра за мобилизација и авансно плаќање за коридорот 8 и корисорот 10д. Моментно се вршат геомеханичките испитувања на делниците Прилеп – Битола, Тетово – Гостивар и Гостивар – Кичево. Се подготвуваат и елаборатите за експропријација. Денеска или утре ќе бидат одобрени и сите проектантни за проектирање на сите траси и патните коридори. Сакам да ја информирам јавноста дека сите капацитети во државата кои проектираат ќе бидат ангажирани. Ќе продолжиме најверојатно следната недела да доставиме барање до Министерството за танспорт за патните коридори. По добиеното одобрување ќе почнеме и со експропријацијата, а потоа и со градежните работи, истакна Рустеми.