Актуелно 10.08.2023 08:57

Инфлација – јаз меѓу официјалните податоци и реалните трошоци за живот

Инфлација – јаз меѓу официјалните податоци и реалните трошоци за живот

Инфлацијата во јули е намалена, но синдикалната потрошувачка кошничка истиот месец е зголемена. Владата се фали дека нејзините мерки даваат резултат против инфлацијата, но синдикатите и економските експерти сметаат дека реално намалување на цените нема.

Официјалните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека инфлацијата во месец јули изнесува 8,4 проценти, што е намалување во однос на јуни кога индексот на трошоците за живот изнесуваше 9,3 отсто. Владата вели дека инфлацијата паѓа бидејќи нејзините економски мерки го „даваат посакуваниот резултат“, но од друга страна, синдикалната потрошувачка кошничка се зголемува, како што објави Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Податоците на ССМ покажуваат дека овој месец на едно четиричлено семејство му се неопходни 48.620 денари за задоволување на минималната синдикална кошничка. Тоа е зголемување за 441 денар во однос на пресметките за потрошувачката кошничка минатиот месец јуни.

Од ССМ за Радио Слободна Европа велат дека ова зголемување на потрошувачката кошничка „реално удира по џебот на работниците и граѓаните“, и покрај тоа што официјалната статистика покажува намалување на инфлацијата.

„Намалувањето на инфлацијата не се гледа во однос на трошоците на живот според пресметката на минималната кошница на ССМ. Најголемото зголемување го има кај домувањето, односно кај комуналните трошоци за 2,4 отсто и кај исхраната и пијалаците за 1 отсто“, вели Светлана Димоски – секторот за економско-социјални прашања во ССМ.

И покрај зголемувањето на минималната синдикална кошничка, Владата уверува дека цените за живот ќе се намалуваат, главно поради „навремените чекори на Влдата. Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека намалувањето на инфлацијата е позитивен фактор за севкупната македонска економија.

„Мерките што ги презема Владата го даваат очекуваното и инфлацијата од октомври 2022 година се движи во континуитет во надолна линија. До крајот на годината очекуваме овој тренд да продолжи и да се одржи едноцифреното ниво на инфлацијата, а во наредната година да биде околу 2 проценти“, изјави Ковачевски на 7 јули.

Трговците не ги намалуваат цените?
Во периодот на кризата граѓаните најмногу беа погодени од трошоците за храна, поради што државата во неколку наврати ги одмрзнуваше и замрзнуваше цените на основните производи. Оваа мерка престана од 1 јули, бидјеќи Владата одлучи да престане мерката за замрзнати маржи на основните прехранбени производи – лебот, шеќерот, јајцата и млечните производи. Со тоа производителите и трговците беа ослободени сами да ги утврдуваат според пазарни услови.

Државата ги контролираше цените поради трендот на растечка инфлација, која пикот од скоро 20 отсто го достигна кон крајот на минатата година, а одмрзнувањето дојде во услови на пад на цените во светски рамки. Во моментов, просечната инфлација во Еврозоната е 5,3 проценти, што е најниско ниво од почетокот на 2022 година кога го достигна пикот од над 9 отсто, додека во земјава и натаму е скоро двојно повисока.

Економскиот аналитичар Арбен Халили смета дека ситуацијата со цените во земјава се уште не е добра. Тој вели дека и покрај официјалното намалување на инфлацијата, трговците реално не ги намалуваат цените. Според Халили, институциите уште од почетокот на кризата не донеле соодветни мерки против инфлацијата, а вели и дека немало ниту навремено хамонизирање на монетарната и фискалната политика.

„Владата е добро што реагираше, но требаше да реагира пред работите да се случат, а не потоа кога треба да ги лечиме. Владините мерки секако дале некаков ефект за сузбивање на инфлацијата, но од друга страна Владата воведува мерки кои сметам дека не се коректни. На пример, со последната мерка за воведување на данок на компаниите кои реализирале поголем профит, е демотивирачки за нив и може во иднина да не ги прикажуваат реално вистинските приходи, што може да придонесе кон зголемување на сивата економија, вели Хаили.

Синдикат на УПОЗ – нема логика во изјавите на Владата
Според пресметките на ССМ за потрошувачката кошничка, на едно четиричлено семејство му се потребни најмалку 48.620 денари месечно. Од кои над 20.000 денари треба да издвои за храна и пијалаци, потоа за домување 13.664 денари, за хигиена 3,247 денари, за превоз 3,720 денари, 2.327 денари за облека и обувки, 1.068 денари за култура и 822 денари за одржување на здравје.

Бојан Трипуноски , Генерален секретар на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), е со став дека вредноста на парите и натаму е многу мала поради високата инфлација, без разлика на официјалниот пад на бројките.

„Јас не гледам логика во изјавите на Владата. Сепак, работниците и вработените во јавниот сектор едвај крпат крај со крај согласно оваа синдикална минимална кошничка. Без разлика што инфлацијата се намалува во овој период, едно четиричлено семејство едвај го преживува тековниот месец“, вели Трипуноски.

Македонската економија, како и останатите во светот, беше погодена прво од последиците од ковид кризата, на што се надоврза кризата со енергенсите и нивниот пораст на светските берзи по руската агресија врз Украина. Тоа предизвика висока инфлација, а особено поскапеа цените на храната и енергенсите.

Владата како одговор на растот на ценитедонесе неколку пакети антикризни мерки во вредност од над милијарда евра, за поддршка на ранливи категории граѓани и фирмите. Владата ги зголемуваше платите во јавната администрација, но истовремено се задолжи со неколку заеми, со кои јавниот долг го зголеми за над десет проценти.

Законот за данок на солидарност беше меѓу последните мерки со кои Владата се обидува да ја сузбие инфлацијата. Како што беше наведено, со мерката треба компаниите “согласно своите економски можности и на солидарен начин да придонесат за ублажување на последиците од енергетската и ценовната криза“, како што изјави заменик министерот за Заменик-министерот за финансии Филип Николоски при презентирањето на законот.

Агенциите за статистика секој месец објавуваат поодатоци за индексите на трошоците на животот и на цените на мало. Највисока инфлација во земјава беше забележана во ноември 2022 година од 19,5 отсто, што ја стави земјава на врвот на Европа.

Според проценките на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), потрошувачките цени се очекува годинава да пораснат во просек за 9,2 отсто, а потоа да има намалување на 3,5 отсто во 2024, а до 2026 година да се вратат на 2 отсто. Според ММФ, во тек е економско закрепнување на Северна Македонија, со реален раст на БДП проектиран на 2,1 отсто оваа година, а 3,4 проценти во 2024 година.