Актуелно 10.08.2023 08:47

ЕСМ продажба набавува струја средe лето за над 7 милиони евра

ЕСМ продажба набавува струја средe лето за над 7 милиони евра

ЕСМ Продажба средe лето купува струја за сума од над 7 милиони евра. За јули и првата половина од август се објавени вкупно четири повици.

Минатиот месец се набавило струја од неколку компании, чии имиња се веќе познати во јавноста. Станува збор за „Соло 24“, „РЕС Енерџи“, „Футуре“, „Данске Комодитис“, „Универзал Енерџи“, ЕТМТ, „Гени“ и „Дуферко“.

Со последниот повик од 6 до 13 август се бараат над 10.000 мегават часови за кои ќе се платат над еден милион евра.

Вообичаено во летните месеци се продаваат вишоци на електрична енергија, а во текот на зимата кога побарувачката е зголемена се набавува.

Од ЕСМ објаснуваат поради топлотниот бран, се донело одлука наместо да се активира ТЕЦ „Осломеј“ да се прават набавки.

„Поради летниот период и топлотниот бран со кој се соочуваме во моментов, како и зголемената потрошувачка на вода, се јавува проблем со недостиг на вода во околните места кои се снабдуваат од изворот Студенчица. Имено поради ваквата ситуација менаџментот на АД ЕСМ донесе одлука ТЕ „Осломеј“ да не биде повторно вклучена и потребната енергија за целосно задоволување на потребите да биде набавена на слободниот пазар каде моменталните цени на електрична енергија се прифатливи. Залихите на јаглен кои ги има во моментов во РЕК „Осломеј“ ќе бидат искористени во моментот кога ќе има потреба од производниот капацитет ТЕ „Осломеј““, велат од ЕСМ.

Исто така, по извештаите може да се види дека цената во одредени периоди кога се избрани одредени понуди од компании, цената на регионланата берза Хупекс е пониска од онаа на фирмите кои и ја понудиле на ЕСМ Продажба.

Така на пример цената за мегават час вчера во пикот, на оваа регонална берза била нешто над 20 евра, а онаа на понудувачите достигнува и до 100 евра за мегават час.

Од ЕСМ велат дека набавките се јавни и транспарентни. Од компанијата тврдат и дека се започнати сите потреби ремонтни активности во термоелектраните и тие ја следат динамиката предвидена во годишниот план.

Минатата година, ЕСМ Продажба во овој период не купуваше струја, само продаваше вишоци на електрична енергија.