Економија 15.08.2023 09:11

Италијанската бизнис династија Ањели влегува во сопственичката структура на холандскиот див „Филипс“

Италијанската бизнис династија Ањели влегува во сопственичката структура на холандскиот див „Филипс“

Холандскиот технолошки гигант „Филипс“, кој во последните години целосно се посвети на производство на медицинска технологија и електронски уреди за лична хигиена, добива нов стратешки сопственик. Познатата италијанска династија Ањели склучила стратешко партнерство со него, по што во првата фаза презеле 15 отсто од компанијата.

Преку холдинг компанијата „Ексор“ (Exor), една од најголемите компании од ваков вид во Европа, семејството Ањели на тој начин ќе влезе во полето на медицинската технологија што брзо се развива и на тој начин ќе ги поддржи долгорочните развојни цели на „Филипс“, соопштија „Филипс“ и „Ексор“ во заедничка изјава за јавност.

„Ексор“ ќе го стекне уделот со купување на акции на пазарот преку аранжман со неименувана голема финансиска институција, за да не се разводни вредноста на акциите на другите сопственици. На краток рок семејствот Ањели би требало да остане со 15 отсто од сопственоста, но со договорот се отвора пат за зголемување на уделот до 20 отсто. Тие добија и право да назначат еден член на надзорниот одбор на холандскиот гигант.

Како што пренесува германската новинска агенција ДПА, се очекува „Ексор“ да плати 2,6 милијарди евра за 15 отсто од „Филипс“.

Почетоците на моќта на династијата Ањели датираат од основањето на италијанскиот производител на автомобили „Фиат“, а денес преку „Ексор“ поседува голем број инвестиции во Европа и светот, вклучително и акции во големи играчи во автомобилската индустрија како што се „Стелантис“, „Ферари“ и „Ивеко“, како и во разни други сектори. Семејството го поседува и торинскиот фудбалски клуб „Јувентус“.