„Пченицата не поскапува на светските берзи поради тензичната ситуација во Црното Море, каде цивилните и трговските бродови станаа воена цел на Русите.
Во оваа фаза нема опасност од поскапување на лебот во Бугарија, затоа што има доволно жито од новата и ланската реколта“, коментира Георги Стојанов, претседател на Сојузот на бугарските фармери, која организација е дел од европската „Копа – Коџека“, објави „24Часа.бг“.
Според него, засега нема поскапување на житото во Бугарија. Дополнително, цената на струјата е нормализирана и високите вредности од минатата година ги нема. На меѓународниот пазар се забележуваат релативно ниски цени на пченицата за испорака по средината на септември 2023 година – од 229,25 евра/тон до 249,75 евра/тон.
За пченка за испорака во август 2023 година, цената започнува од 226,25 евра/тон. На крајот на месецот достигна 248,00 евра/тон, при што порастот на котации изнесува 21,75 поени. Просечната фјучерс цена за месец август е 238,62 евра/тон. Ситуацијата во Црното Море и понатаму е тензична поради проблемите со извозот на украинското жито. За да ги заштитат своите трговски патишта, Украинците се повеќе се потпираат на извозот преку Романија, до пристаништето Констанца, објасни Георги Стојанов.
Украина е главен производител и извозник на жито и нејзиното производство падна на околу 53 милиони тони нето тежина во календарската 2022 година, од рекордните 86 милиони тони во 2021 година. Министерството рече дека жетвата може да падне на околу 46 милиони тони жито во 2023 г.