Актуелно 23.08.2023 09:11

Ќе има ли нов бран поскапување на храната – Бесими бара производителите да се воздржат од шпекулации

Ќе има ли нов бран поскапување на храната – Бесими бара производителите да се воздржат од шпекулации

Со директна помош вредна 5 милиони евра, владата во обид да го спречи поскапувањето на основните прехранбени производи. На производителите на пченица ќе им даде по 3 денари за килограм произведена, предадена или складирана пченица. Ќе ги покрие и трошоците на производителите на раноградинарски култури. По 35 денари за килограм ќе добијат производителите на домати, а по 30 на краставици. Министерот за земјоделие не се согласува со најавите на мелничката индустрија за поскапување на лебот, па ја повика да ги каже аргументите, кои според него, не држат вода.

„Пазарот е стабилен и нема ниту една причина зошто мелничката индустрија би барала повисоки цени кога количините на жито ги набавиле по преполовена цена од лани. Стабилизиран е пазарот со електричната енергија.Треба да одговорат зошто некој би побарал повисока цена на грбот на граѓаните при намалени трошоци за производство“, изјави Љупчо Николовски, министер за земјоделие.

Производителите да се воздржат од шпекулатуивни најави за поскапување, побара и министерот за финансии Бесими. Со давање паушални изјави, без основ, смета дека само се загреваат очекувањата за повисоки цени.

„Ги прочитав сите најави од мелничката индустрија. Дали откупната цена на пченицата е повисока во однос на минатата година? Не. Дали електричната енергија е поскапа? Не. Што во меѓу време се случило за да најават поскапување на лебот? Најавите за поскапувањата само влијаат врз очекувањата на пазарот и дополнително ги оптоваруваат и загреваат очекувањата за цените. Медиумските укажувања на работи кои влијаат врз очекувањата на стопанството не помагаат во економијата, туку дополнително создаваат очекувања за зголемување на трошоците“, рече Фатмир Бесими, министер за финании

Во меѓувреме – по повисоки цени овој месец се продават млекото и млечните производи, сувомеснатите производи, овошјето и зеленчукот. Веќе од следниот месец по повисока цена ќе се продаваат и околу 1.000 производи кои државата ги смета за луксуз. За да се заштити стандардот кај граѓаните, од министерството за економија најавуваат можност за повторно замрзнување на цените.