Актуелно 25.08.2023 08:39

Недостапните броила за струја може да останат без евтина дневна тарифа!

Недостапните броила за струја може да останат без евтина дневна тарифа!

Од први декември влегува во сила новиот тарифен систем за електрична енергија а со тоа и ќе стартува враќањето на евтината дневна тарифа. Но, дел од граѓаните ќе треба да почекаат неколку месеци за да ја добијат оваа услуга. Најголемиот дел од домаќинствата ќе ја имаат на располагање оваа бенефиција уште во месец декември годинава.

Од ЕВН информираат дека цело лето се работи на техничкото прилагодување на софтверот за враќање на евтината дневна тарифа. Според информациите кои ги добивме од приватната фирма која ги снабдува граѓаните со електрична енергија покажуваат дека Електродистрибуција под своја надлежност има 820 илјади броила, но најголемиот дел од нив се обични броила, а драстично помал е бројот на броила со далечинско управување кои може да се командуваат од дистанца. За работата да биде поделикатна информациите велат дека добар дел од броилата за да се сетираат за евтината дневна тарифа ќе им треба неколку месеци. Тоа значи дека тие домаќинства кои нема да бидат достапни за службите на ЕВН оваа бенефиција ќе ја добијат за неколку месеци.

„Електродистрибуција поседува 170 илјади броила со далечинска комуникација и 650 илјади обични броила кои треба да се сетираат на лице место. Според претходно утврдениот план околу 80 отсто од обичните броила ќе бидат сетирани уште во првиот месец а останатите кои се недостапни ќе се сетираат во наредните 2-3 месеци. Од први декември ќе влегува во сила, новиот тарифен систем, а од тогаш ќе започне и сетирањето на броилата. До тогаш ЕВН ќе ги направи сите технички подготовки и софтверски тестирања и слично. “ Велат од ЕВН Македонија

Јавноста за ова прашање имаше перцепција дека евтината струја која граѓаните ќе ја користат од 13 до 15 часот нема да ја добијат од јули како што беше првично најавувано е поради тоа што енергетската компанија која е во приватна сопственост не стасала да ги среди броилата навремено и затоа и е дадено дополнително време тоа да го стори на терен. Но, сега од ЕВН велат дека на терен ќе започнат да работат од први декември кога на сила ќе стапи новиот тарифник.

Од Регулаторната комисија за енергетика на крајот на јуни уверуваа дека пред почетокот на грејната сезона сите граѓани ќе ја имаат на располагање дневната евтина тарифа на електричната енергија, но тоа со сигурност нема да се случи. Ова е изјавата која Марко Бислимовски претседател на Регулаторната комисија за енергетика ја даде на пресконферфенцијата дента кога ја објави новата цена на струјата која ќе важи до крајот на оваа година.

„Тоа е максимумот што можевме да го направиме и очекуваме во наредниот период да почне промената на броилата. Евтината тарифа не ја воведуваме од какви било политички причини, туку заради сигналот на цената на електрична енергија на сите берзи во Европа, вклучувајќи ја и нашата. Цената на електричната енергија осум месеци наназад е пониска дури и од цената после 24 часот“, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.

Инаку, на први јануари 2022 година Регулаторната комисија за енергетика ја укина дневната евтина тарифа, со образложение дека тоа многу ќе ја чини земјава во време на енергетска криза. Тогаш граѓаните добија покачување на сметките за струја за речиси 10 отсто. Информациите беа дека доколку останеше дневната евтина тарифа сметките ќе требаше да се зголемат за дополнителни пет отсто. Од тогаш до денес домаќинствата можат да користат поевтина стуја во текот на ноќните часови од 22 до седум часот наутро, како и во недела преку целиот ден односно 24 часа.