Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со директорот на Платежната агенција, Никица Бачовски во Демир Капија доделија 16 решенија за ко – финансирање на инвестиции во рибарство и аквакултура со вкупна финансиска поддршка од 33 милиони денари.
Како корисници на оваа поддршка се јавуваат регистрираните репроцентри за производство на репродуктивен и порибителен материјал, концесионерите на риби за вршење на стопански риболов како и субјекти кои се регистрирани за дејност аквакултура како огледувачи или преработувачи на риба.
Со овие 16 решенија опфатени се инвестиции кои предвидуваат изградба на мандра, пумпни станици и цревни инсталации, поставување на фотонапонски панели на рибници, набавки на товарни возила за достава на риба, цистерни за транспорт на риба, инкубатори и преработувачка опрема.
Интересот кој постои кај инвеститорите како и завидната поддршката која се доделува дополнително потврдува дека Македонија има одлични предуслови за понатамошен развој на рибарството и аквакултурата како сектори кои и во иднина ќе се поддржуваат преку европскиот фонд за земјоделство и рурален развој – ИПАРД III.
Рибарството и аквакултурата како област на патот кон Европската Унија припаѓа во Поглавје 13 – Рибарство, кое е едно од 34- те поглавја. МЗШВ како носител на ова поглавје во изминатиот период интензивно работеше на усогласување на законската регулатива со релевантното законодавство на ЕУ, во таа насока Министерството со поддршка на ЕУ, со експерти од Р. Хрватска, оваа година успешно заврши еден многу значаен проект „Усогласување на законодавството и имплементација на правото на ЕУ во областа на рибарството и аквакултурата во Република Македонија“.
„Придобивките на проектот се значајни не само за МЗШВ, туку и за целата држава, бидејќи со резултатите на проектот, одиме чекор понапред во усогласувањето на нашето законодавство со законодавството на ЕУ, а со тоа и чекор понапред кон нашата стратешка цел – членство во Европската Унија“ истакна министерот Николовски.
Во таа насока, покрај Законот за рибарство и аквакултура, кој веќе е во напредна Владина процедура, подготвен е и Законот за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата. Со овој закон се врши усогласување со релевантни делови од ЕУ регулативи, со што ќе се воспостави систем кој во иднина, по нашето пристапување во ЕУ, ќе овозможи користење на средства од Европскиот фонд за поморство, рибарство и аквакултура.