Со повеќе пари во пензискиот фонд собрани од придонеси што нелегално се избегнуваат ќе има и повеќе пари за пензионерите, вели даночниот експерт Славко Лазовски
Сивата економија, според процените на Институтот за економски политика и развој „Фајненс тинк“ , годишно „јаде“ повеќе од 2,5 милијарди евра. Толку пари можеле, а не се слеале во државната каса, а еден дел од тие пари се и поради неплатени придонеси за пензиско и инвалидско осигурување од граѓани што работат во неформалниот сектор, или на кои сè уште еден дел од платата им се дава на рака.
Дека голем дел од граѓаните се незаинтересирани за редовна работа, покажуваат и бројките од Агенцијата за вработување (АВРСМ) каде што има дури 45.256 невработени што се изјасниле дека активно не бараат работа. Од друга страна, и тие што се изјасниле дека активно бараат работа – 105.958, дури 60 отсто немаат образование или имаат основно образование. А и тие, како што оценуваат работодавачите, не се пријавуваат за работа, туку за да користат одредени социјални права од државата, а непријавено работат во земјоделството, градежништвото…
Како показател на сивата економија е и расчекорот меѓу бројката на вработени според Анкетата на работна сила и според податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Во Анкетата се проценува колку има вработени независно дали се редовно вработени, или се во неформалниот сектор, вклучувајќи ги и оние што работат земјоделски работи, па макар и за себе. Според Анкетата, има 683.242 вработени, а според Фондот има 573.327 вработени за кои се плаќа пензиски придонес (податок од крајот на 2022 година).
Даночниот експерт Славко Лазовски смета дека треба да се зајакне контролата при наплата на придонеси, а за сузбивање на сивата економија повеќе да се ангажира Одделението за меѓународна правна помош при Управата за јавни приходи.
– За сивата економија клучна може да биде помошта на меѓународната заедница, но таа не се користи доволно. Контролата не треба да почне кога некој шлепер ќе се растовари во земјава, туку уште на утовар во некоја странска земја. Службите за размена на даночни податоци во светот функционираат одлично, само треба да се бара помош од даночните управи во земјите од каде ни доаѓаат шлепери. Треба да соработуваме, да го користиме дигиталното поврзување. Кај нас зборуваме за сива економија од 35 до 40 проценти и многу често тие што се дел од таа сива економија генерираат и „сиви вработувања“. Мораме да се стремиме да се симнеме барем до некое прифатливо ниво на сивата економија од 15 до 20 проценти – вели Лазовски.
Tој вели дека со повеќе пари во пензискиот фонд собрани од придонеси што нелегално се избегнуваат, ќе има и повеќе пари за пензионерите.
– Ни недостига и транспарентност. Фондот за пензиско треба редовно да објавува податоци колку придонеси се уплатени од колку фирми, да објавува списоци на фирми што редовно не плаќаат плати, а со тоа не уплатуваат и пензиски придонес. Исто така, треба да објавува и колкав данок на доход е собран од пензиите, затоа што никој не спомнува дека и пензиите се оданочуваат – вели Лазовски.
Пензионерите, пак, со денови протестираат и бараат линеарно зголемување на пензиите по 3.500 денари за секого, место процентуално зголемување согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување кои од септември би требало да биде околу 6 проценти.
Лазовски алармира дека има и трошоци што самиот Фонд може да си ги скрати, затоа што и тој за своето функционирање зема од парите на пензионерите.