Во текот на неделата ќе имам состанок со Државниоот пазарен инспекторат и тие ќе ги добијат насоките за да постапат во согласност со Законот за заштита на потрошувачите, одговори министерот за економија, Крешник Бектеши, на прашањето што ќе преземе како надлежен во врска со неконтролираното покачување на цените на производите во државата.
„Ако е потребно, секако дека можеме да носиме привремени мерки, но мојот личен став го знаете. Кога се случуваат вакви неконтролирани зголемувања на цените, кои не се основани, во согласност со првичните информации што сум ги добил денеска, ако има здружување на одредени сектори, јас сум за да се оди и на Законот за заштита на потрошувачите, каде што се предвидени и поригорозни мерки, а ги знаете кои се поригорозните мерки. Таму има и забрана за вршење дејност“, потенцира Бектеши.
Не сме само за профит, но и не можеме да ги прифатиме мерките од Владата за замрзнување на цените, беше истакнато од страна на раководството на Стопанската комора на Северозападна Македонија.
„Слободниот пазар ги носи и цените, сите други мерки што треба Владата да ги преземе, ние сакаме да се преземат мерки, но не да се замрнуваат цените, зашто тука веќе доаѓа до други вредности, кои не се добри за бизнисот“, беше кажано од страна на раководството на Стопанската комора на Северозападна Македонија.
На прашањето како да се спречи профитот на трговците што заработуваат на грбот на граѓаните, Бектеши објасни дека тие треба да имаат конкретни анализи каде и како се случува зголемувањето на цените.
„Во делот на одредени производи, каде што ние сме повеќе зависни од увозот, таму не можеме да имаме никаво влијание во делот на производството. Тие производи што се произведуваат дома секако дека имаме механизми за да можеме да влијаеме. Тие производствени компании добиваат милионски суми како директна финансиска поддршка од страна на државата за секоја направена инвестиција и да се книжат и тие грантови што ги добиваат, во формирање на производтсвените цени, за мене е неприфатливо. Во делот на трговијата, освен замрзнување на цените, има и други механизми. Има утврдување маржи, но тоа треба да се базира на одредена анализа“, истакна министерот за економија.
Министерството за економија веќе неколку месеци бара експедитивност од некои институции, нагласи Бектеши, кој укажа на не експедитивноста на одредени институции.
„Да не постапат институциите во вакви кризи или да постапуваат само по пријави или, пак, најави на потрошувачи за да направат контроли. Обврска на институциите што треба да направат надзор е да направт и редовни инспекциски надзори“, рече Бектеши.
И од негова и од страна на раководството на Стопанската комора на Северозападна Македонија беше упатена критика и незадоволство од непостапувањето на Комисијата за заштита на конкуренцијата, која, како што беше речено, досега нема поднесено ниту една претставка.