Актуелно 30.08.2023 11:31

Блокиран патот кон Штип, светиниколските пензионери протестираат повторно

Блокиран патот кон Штип, светиниколските пензионери протестираат повторно

Тие и денеска побараа линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари. Трајче Стаменов, член на Иницијативниот одбор на пензионерите кои протестираат во Свети Николе, изјави дека на денешните протест и блокада, донесени се пет заклучоци.

„Прво е покачување на пензијата, линеарно 3.500 денари на сите пензионери и да не манипулира министерката дека на оние кои се со најниската пензија се зголемува разликата меѓу најниската и највисоката. Тоа не е точно ние бараме 3.500 денари, на оние кои имаат најниска пензија и на оние кои имаат највисока. Второто барање е оставка доколку не ги исполнат барањата и тоа на министерката, Тренчевска, на претседателката наша на пензионерите, од Здружението на пензионери и на нејзиното раководство“, рече Стаменов.

Меѓу барањата се и да се направи ревизија во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и во Здружението на пензионери, потоа да имаат бесплатни лекови и како што посочи Стаменов, петтото барање е доколку не се исполнат овие барања, Владата да си поднесе оставка. Светиниколски пензионери најавија дека протестите и блокадите ќе продолжат.

Пензионерите денеска со автомобили и трактори во времетраење од еден час го блокираа и јужниот влез и излез на Свети Николе.