Актуелно 31.08.2023 09:24

АЈВАРОТ ЌЕ ОСТАНЕ ТРАДИЦИЈА: Тегла со овој деликатес ќе биде поевтина во маркет

АЈВАРОТ ЌЕ ОСТАНЕ ТРАДИЦИЈА: Тегла со овој деликатес ќе биде поевтина во маркет

Моменталната цена на пиперот се движи од 50 до 100 денари зависно од кој пазар е набавен, на модриот патлиџан е од 57 до 130 денари, а маслото за јадење зависи од кој бренд е и во кој маркет се купува. Од ист бренд може да се купи од 79 денари до 109 денари литар.

Со почетокот на бербата на пиперката за ајвар во Кривогаштани, почнаа и подготовките за правење ајвар. Производителите очекуваат откупна цена од 50 до 60 денари.

Многу повисока цена од оваа во месецот на правење зимница очекуваат граѓаните да видат на пазарите бидејќи се свесни дека веќе нема евтина пиперка ниту за јадење ниту за правење зимница.

Дел од граѓаните изминатите години се откажаа од правење ајвар, поради високите цени на производите од кои се прави овој македонски специјалитет и се определија да го набават во маркет. Но, има и такви кои се упорни да направат барем 10 тегли.

– Сè уште е скапа ајварката, но ако сакаме домашен ајвар ќе треба и да платиме повисока цена. Пиперот годинава е многу скап. Моментално на пазарите го има и за 180 денари, но и за половина од таа цена и за 50 и 60 денари зависно од видот и квалитетот и се разбира од пазарот од кој се купува. Очекувам и повисока цена од 50 денари за ајварката бидејќи слушам дека земјоделците очекуваат оваа цена да им биде откупна, а од нив до нас додека дојде, таа ќе стигне и до 100 денари. Тоа значи дека помалку ајвар ќе правиме – вели скопјанка.

Таа додава дека за ајвар освен пиперката потребен е и модар патлиџан чија цена годинава скокна на 100 денари, како и масло за јадење.

– Цените се далеку повисоки од ланските. Маслото веќе знаете дека е поскапо, а модриот патлиџан зависно од големината оди и до 120 денари парче. Ако си помлад и шеташ по пазарите можеби ќе најдеш и три килограми за 100 денари, но тој е поситен и ќе треба повеќе да се купи за да се добие квалитет на зимницата. Потребни се и дрва и тегли, а да не зборуваме дека ќе потрошите најмалку 2 дена за подготовката. Кога ќе се собереш се, станува неисплатливо. Затоа и голем број граѓани се откажаа од правење ајвар и одат да купуваат во маркет – вели таа.

За 10 тегли домашен ајвар вообичаено е потребно 30 килограми пипер, 8 модри патлиџани и просечно 1,5 литри масло за јадење.

Моменталната цена на пиперот се движи од 50 до 100 денари зависно од кој пазар е набавен, на модриот патлиџан е од 57 до 130 денари, а маслото за јадење зависи од кој бренд е и во кој маркет се купува. Од ист бренд може да се купи од 79 денари до 109 денари литар.

Па така грубата пресметка за тегла ајвар, според моменталните цени, без дрвото и работната рака, би чинела околу 280 денари. Сепак, се ќе зависи од цената на пиперот во следниот период која се очекува да биде повисока.

Во маркетите, пак, тегла ајвар од ланско производство може да се најде по цена од 119 денари до 419 денари, зависно од производителот. Која ќе биде цената на годинашото производство не се знае.

Според податоците за просечните цени на земјоделско пазарниот информатор на Министерството за земјодлество во текот на август просечната цена на пиперот на кванташкиот пазар изнесувала 47,50 денари за килограм, а на модриот патлиџан 45 денари парче. На зелените пазари во земјава пиперот се продавал по цена од 47,50 до 110 денари или најзастапената просечна цена изнесувала 61,28 денари. Модриот патлиџан достигнал просечна цена од 29 до 103 денари или просечна цена достигната на зелените пзари во земјава е 69,42 денари за парче.

Продавачите на тезги, пак, велат дека набавната цена на пиперот и на модриот патлиџан е висока и затоа кај нив цените се високи.

– Пиперот го набавуваме различно. Ако одиме кај земјоделците имаме пониска цена, но имаме трошоци за гориво бидејќи треба да го донесеме пиперот до Скопје. Ако го купиме од кванташки тогаш во старт пиперот има цена од 50 денари. Каде се тука нашите трошоци за гориво, за изнајмување на тезгите, за здравствено осигурување и за нашата плата? Но повторно нашите трошоци се поголеми, а цената на пиперот се формира според конкуренцијата од другите тезги и другите пазари – вели тезгаџија.

Тој не очекува во текот на следниот период пиперот да има пониска цена, бидејќи е период на зимници, а ајварката, вели, може да биде и поскапа при откупот.

– Времето им го преполови родот, а имаат и големи трошоци. Не верувам дека откупната цена ќе биде под 50 денери за ајварката – вели тој.

Земјоделците и годинава се жалат дека имале зголемени трошоци и за 30 отсто помалку приноси од ајварката поради климата. Тие очекуваат за квалитетната пиперка да добијат цена и до 60 денари, но, како што велат, се ќе зависи од конкуренцијата и откупувачите.

– Уште не е формирана цената на кривогаштанските пиперки за ајвар, но очекуваме да постигне добра цена за килограм 50 – 60 денари. Временските услови го намалија производството, а намалени се и површините под пипер бидејќи нема кој да работи. Од тоа што ќе добиеме како откупна цена ќе зависи и дали следната година ќе ги намалиме површините под оваа култура – вели земјоделец.