Банки, банки и само банки. Уште едно рангирање, овој пат објавено од Македонската берза, говори дека македонските банкари навистина знаат да работат профитабилно.
Вчера пишувавме дека македонскиот банкарски сектор во првите шест месеци од годинава остварил вкупен профит од 121 милиони евра, а од оваа сума дури 109 милиони евра припаѓаат на големата банкарска петорка, односно на петте најголеми банки во земјава.
Додека, пак, во десетте најпрофитабилни акционерски друштва за првото полугодие, кои ги објави Берзата, може да се види дека дури четири се банки, со тоа што нив им припаѓаат и првите три лидерски места.
Фактор овие податоци поединечно веќе ги има објавено, но вреди да ги повториме рангирани на едно место за профитабилноста на домашните акционерски друштва.
Со профит од 32,6 милиони евра Комерцијална банка е на прво место по успешност во првото полугодие од годинава. Кај најголемата домашна банка ова е пораст на добивката за дури 77 проценти во однос на истиот период лани, што е уште еден аргумент за поздравување на нејзиниот резултат.
На втората позиција е Стопанска банка Скопје, со профит за шест месеци од 24,4 милиони евра. Најстарата домашна банка со ова покажува дека продолжува одлично да работи, со пораст на профитабилноста од 2,34 отсто во однос на истиот период од минатата година.
И не далеку од неа, веќе доаѓа низ годините се поуспешната НЛБ Банка, чија профитабилност достигна 23,6 милиони евра, и таму порастот е 4,03 проценти. Оваа банка е пример за тоа како упорноста се исплатува и како низ годините се станува се пореспектабилен банкарски играч.
А потоа следуваат телекомуникации, фармација, цемент, мермер, нафта, па уште една банка, па челик, но и земјоделството покажало дека може да влезе во најпрофитабилни компании.
„Македонски телеком“ со нето добивка од 16,4 милиони евра за шест месеци е на четвртата позиција, со што оваа компанија покажува дека телекомуникацискиот бизнис се задржува на врвот според профитабилноста. И, она што е битно, кај Македонски Телеком имаме регистрирано пораст на добивката за 30 отсто во однос на истиот период лани.
Нашиот фармацевтски гигант „Алкалоид“ покажува дека здравото и иновативно работење секогаш е наградено и со солидна добивка. Па така, ова акционерско друштво во периодот од јануари заклучно со јуни годинава оствари профит од 12,6 милиони евра, и што е важно, порастот на добивката е за над 19 проценти.
Цементарницата УСЈЕ следува со одличен профит од 9,2 милиони евра, а по неа е Мермерен комбинат од Прилеп, кој доби нови газди, а чии профит за шест месеци е 6,2 милиони евра.
Нафтениот дистрибутер „Макпетрол“ не се симнува од одличните профитабилни патеки и тие за првите шест месеци имале одлична нето добивка од близу 4 милиони евра.
И уште една банка, УНИ Банка, прикажала одлична профитабилност, или 3,8 милиони евра во првото полугодие од годинава, а она што треба да се напомене за успешноста е и дека таа се наоѓа во категоријата средни банки.
Макстил за шест месеци има чист профит од 3 милиони евра, додека ЗК Пелагонија од Битола има добивка од 2,6 милиони евра.
На неславната загубарска страна, пак, за ова полугодие изби на прво место компанијата „Либерти“, со негативен финансиски резултат од близу осум милиони евра, што е речиси двојно зголемување во однос на загубата која била прокнижена во истиот период лани.
Инаку, она што е негативно во првото полугодие од годинава во однос на првите шест месеци лани, е што сега се намалува бројот на фирмите кои работеле профитабилно, а се зголемува бројот на оние што влегле во загуби. Па така, годинава имаме 68 профитабилни компании, наспроти 73 лани, што значи пет помалку, додека, пак, бројот на акционерските друштва што работеле со загуба сега е 22, наспроти 17 во минатата година.