Банкарство 14.09.2023 14:58

Има ли крај за измамите со брзи кредити?

Има ли крај за измамите со брзи кредити?

Над 30 претставки пристигнале на адресата на Народниот правобранител од страна на граѓани коишто биле измамени со брзи кредити. Честите злоупотреби при вадење на брзи кредити ги загрозуваат правата и интересите на граѓаните, поради што Народниот правобранител бара да се ограничи електронското аплицирање за брзи кредити со украдени лични карти.

Министерството за внатрешни работи само за половина година има евидентирано 65 пријави на измамени граѓани. Станува збор за појава која што станува се помасовна, а дел од граѓаните побарале помош и од Омбудсманост, со надеж дека ќе бидат заштитени нивните права.

Станува збор за претставки кои се однесуваат на висината на платата на надоместоците во администрирањето на брзите кредити, но и за злоупотреба на идентитетот при користење на брзите кредити.

„Ова мислам дека е многу болно и тука треба да се преземат сериозни мерки“, вели народниот првобранител“, Насер Зибери.

Тој при посетата на Штип потсети дека пред извесно време имаше законска измена во Законот за финансиско работење на финансиските друштва, по препорака на Народниот правобранител. Со овие измени се ограничуваат злоупотребите, но според Зибери, „македонското Собрание не нашло храброст да стави уште една препрека, а тоа е начинот на кој аплицираат граѓаните за брзите кредити“.

Станува збор за електронското аплицирање преку украдени лични карти, за коешто Народниот правобранител бара да се изнајде решение.

Проценките изминатиот период беа дека над 200.000 граѓани зеле брзи кеш кредити, но контролите извршени кај финансиските друштва покажуваат дека кај повеќе од половина од нив се констатирани неправилности. Сѐ почесто се нудат кеш кредити, наменски кредити, кредити за рефинансирање, кредити за пензионери. Аплицирањето е со минимум документи, најчесто со лична карта, без жиранти и без докажување на приходи.

Дозволите за основање и работа на овие финансиски друштва ги издава Министерството за финансии. Заклучно со 1 ноември 2022 година на финансискиот пазар активно работеле 33 финансиски друштва. Најголем дел од нив одобрувале потрошувачки кредити на физички лица.