По лавината на реакции од страна на граѓаните, синдикатите, опозицијата, невладините но и на компаниите, владата реши да донесе мерки кои ќе влијаат на подобрување на куповната моќ на населението.
Утре на владина седница мерките треба да бидат усвоени, а на сила на стапат уште во среда. Планот е да се намали цената на 50-на прехранбени производи кои граѓаните најчесто ги купуваат.
Според информациите на Денар актуелните цени ќе се намалат за 10 отсто споредбено со тие кои во маркетите биле во месец јули. Синдикалците сметаат дека треба да се замрзнат и маржите на трговците. Експертите се на став дека најавените мерки може да бидат и „нож со две острици“. Опозицијата пак обвинува дека мерките на владата се задоцнети.
Утре владата ќе донесе одлука за намалување на цените на 50-на прехранбени производи кои ја сочинуваат потрошувачката кошничка на домаќинствата. Цените ќе се намалат за 10 отсто од оние цени кои се продавале кон средината на јули годинава, брифираат од министерството за економија.
Денеска според информациите се прават последните анализи кои се производи ќе бидат зафатени со мерката. Информациите велат дека нема да поевтината само основните прехранбени производи туку намалени цени ќе добијат и дел од мелечните производи како сирењата и кашкавалите, сувомесните производи и дел од свежото месо, кондиторски производи, бисквити и останати производи.
Од министерството за економија соопштија дека со одлуката на владата ќе бидат вклучени сите во ланецот на трговијата, односно производителите ќе имаат обврска да ги снабдуваат продажните центри од минимум 70 отсто од количините кои ги доставувале во претходните месеци.
„Ова значи дека одредени компании можат да одлучат да го намалат производството или, пак, да не ги снабдуваат согласно барањата и тоа што е потребно за малопродажбата. И ова е само прв чекор. А со ова не се предвидени безалкохолните, алкохолните и хигинеските производи и слично. Но ако се забележи дека во други сектори има големо отстапување на цените, втор чекор ќе биде и ова барање на граѓаните,“ велат од Министерството за економија.
За експертите, овие мерки сега може да предизвикаат и негативни ефекти во македонската економија. Економиостот Абил Бауш за Денар вели дека Владата во многу наврати укажуваше дека економската криза е минато и дека сега државата влегува во фаза на заздравување на економијата, а како објаснување надлежните ја потенцираа намалената инфлација која е на едноцифрено ниво. Бауш наведува неколку потенцијални негативни ефекти.
„Негативен ефект врз произвиодителите, во случај кога цените се ограничени ова може да го намали интересот на производителите да ги произведуваат тие стоки. Поради ограничениот профит би се повлекле од планираните инвестиции и тоа би влијаело врз претприемачката иницијативе. Постои ризик од понизок квалитет на производите. Недостаток одредени стоки, бидејќи побарувачката може да биде поголема од понудата. Несоодветна распределба на ресурсите, негативни ефекти врз иновациите, намалена конкурентност“, вели економистот Абил Бауш.
Од ССМ за Денар велат дека нејасно е зошто цените на храната на светските берзи се намалуваат со месеци а кај нас тоа не е случај. Јавно прашуваат, дали свесно се остави простор трговците да го злошпотребат моментот па сега надлежните да излезат со одредени мерки и во нив населениоето да гледа како на херои.
„Бараме да се продолажат и мерките за замрзнување на цените на основните прехранбени производи, како и да се продолжи со мерката за замрзнување на маржите на овие производи, со што ќе се обезбеди поддршка за најранливите категории на домаќинства“, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.
Опозицијата и натаму жестоко ја напаѓа власта дека таа е виновна за последниов бран на поскапување на храната. Ако пред една година инфлацијата беше увозна и предизвикана од надворешни влијанија, сега за оваа ситуација од ВМРО ДПМНЕ велат дека виновна е Владата. Опозиционерите уверуваат дека властите морале многу одамна да реагираат.
„Кај нас инфлацијата се случува токму како резултат на тоа што ние во континуитет влечеме проблеми од некои погрешни одлуки од некој минат период. Кога зборуваме ние за инфлацијата во Македонија, не зборуваме само откако се случи војната во Украина, туку ние за инфлација зборувавме во месец мај 2021 година. Во Македонија веќе првите инфлациски промени се случуваа уште во тој период, односно од покачувањето на струјата 2020-та година а тоа беше во Август, таа година. Септември, Октомври почнува по малку за да од Мај 2021-ва година и натака веќе да се случува поинтензивно“, велат од ВМРО ДПМНЕ.
Пакетот на мерки кој е деветти по ред во овој неколкугодишен кризен период според надлежните ќе чини околу 70 милиони евра. Засега се знае дека соодветна поддршака од државата ќе добијат ранливите категории, но што конкретно ќе добијат граѓаните и компаниите владата ќе објави веќе утре.