Актуелно 20.09.2023 09:27

ЗАМРЗНУВАЊЕТО НА ЦЕНИТЕ ДОЦНИ, АМА ДОБРО ШТО ГО ДОНЕСОА – Експертите велат „Владата мора да ги штити граѓаните“

ЗАМРЗНУВАЊЕТО НА ЦЕНИТЕ ДОЦНИ, АМА ДОБРО ШТО ГО ДОНЕСОА – Експертите велат „Владата мора да ги штити граѓаните“

Дали намалените и замрзнати цени кои би требало да започнат да се применуваат од денеска ќе придонесе да се намали ценовниот притисок врз граѓаните? Ќе се ублажи ли ударот врз животниот стандард на мнозинството жители во земјата или напротив нивниот ефект ќе биде минорен?

Граѓаните продолжуваат да негодуваат, поскапувањата значително се чувствуваат, редовно се споделуваат приказни колку повеќе храна и пијалоци се купуваа отколку што можат да си дозволат овие денови.

Експертите велат мерката е позитивна, но е задоцнета, сепак, очекуваат да има позитивно влијание и врз граѓаните, и потенцираат дека Владата треба редовно да презема мерки кои ќе ги регулираат случувањата на пазарот, во насока на заштита на граѓаните.

– Замрзнувањето на цените на одредени прехранбени производи е задоцнета, но позитивна реакција на државата при постојната состојба на пазарот. Задоцнета е бидејќи во меѓувреме, додека државата не реагираше, сопствениците на производни и трговски капацитети трупаа ектрапрофити на сметка на граѓаните. Позитивна е, бидејќи ќе се одрази позитивно не само врз стандардот на граѓаните, туку и ќе придонесе за стабилизација на инфлацијата. Ако може Народна банка постојано да внимава на инфлацијата преку контрола на каматните стапки, и Владата може тоа да го прави преку замрзнување на цените на оние стоки на пазарот каде што има преголема разлика меѓу производната и продажната цена – вели професорот Здравко Савески за Фактор.

Савески појаснува дека со замрзнувањето на цените не се решаваат сите проблеми на граѓаните, ниту пак може да се очекува драстично подобрување на животниот стандард на граѓаните, сепак, е добра одлука, која е во насока на заштита на граѓаните. Нашиот експерт исто така истакнува дека граѓаните и самите треба да внимаваат и да не потпаѓаат под маркетиншки трикови, ако сакаат да си го зачуваат стандардот.

– Самата мерка на замрзнување на цените сигурно не е магично стапче. Таа може да придонесе кон одредено одржување на животниот стандард, но нема моќ него драстично да го подигне. За позначајно подигнување на животниот стандард треба организирање на работното место за борба за повисоки плати, а исто така треба поголемо внимавање околу семејните расходи. Ако луѓето не потпаѓаат под интензивниот маркетинг што ги наведува на импулсивно купување непотрепштини и ненужно задолжување, материјалната состојба на домаќинствата може да забележи значителен напредок – посочува Савески.

За потсетување, вчера владините претставници објавија дека одлуката за замрзнување и намалување на цените е донесена и истата ќе почне да се применува веднаш штом се објави во Службен весник. Точната листа на производи кои се опфатени со последната мерка на Владата може да ја видите на следниов линк.

Како што беше најавено со одлуката се опфатени стотици прехранбени производи од 25 категории меѓу кои пекарски производи, тестенитни, месо, млечни производи, ориз, свежо овошје и зеленчук…

Утврдено е дека оваа мерка ќе важи најдоцна до крајот на ноември, но беше најавено дека може да се продолжи ако има потреба. Производите кои се опфатени со мерката ќе се продаваат под ознаката „гарантирана цена“. За да се обезбеди снабденост со производи во продавниците и маркетите, Владата ги обврза трговците задолжително да обезбедат најмалку 70 отсто од количините кои ги обезбедувале во август.

Што се однесува до најавите за укинување на акциите, за нив беше посочено дека се повлекуваат од оваа најава, па ќе бидат дозволени акции со пониски цени од замрзнатите, а доколку се тоа акции за измнување на рокот, трговците се обврзани тоа да го означат.