Дел од маркетите се уште не направиле пресметки како ќе се одрази намалувањето на цените на прехранбените производи на нивното работење. Првиот човек на КАМ Маркети Тања Камчева признава дека мерките на владата ќе влијаат на нивната добивка, но се правда дека поскапувањата биле одраз на светската криза. Зошто цените кај нас се повисоки во однос на другите земји, таа вели дека е потребна подлабока анализа, но и поопсежни владини мерки за стопанството.
Откако цените во маркетите последните месеци енормно скокнаа, од вчера е на сила владина мерка, со која стотина прехранбени производи се вратија на цените од 1 август, намалени за 10 отсто. Притоа, тоа мора да биде означено со налепница на која пишува гарантиртана цена. Како ова се спроведува на терен, денеска излезе да се увери лично министерот за економија Крешник Бектеши. Тој најави поевтинување на пијалоците за минимум 10 проценти од идната недела. Вели дека испекторите се на терен и ќе нема милост за прекршителите, вклучувајќи ги и производителите, откако беше прашан за информацијата дека месопроизводители не доставуваат свежи производи до маркетите, за да може да ги продаваат во своите продавници, без да издадат фискална сметка.
Министерот си замина задоволен од тоа што го виде на терен. Но, граѓаните и понатаму се жалат на високи цени и велат дека откако трговците ги напумпале, ова поевтинување на производите не се чувствува на тенкиот стандард.