Македонија е една од земјите со највисока стапка на инфлација во Европа, која во последните две години се движи во двоцифрени бројки и е значително повисока од европскиот просек.
Во последните пет години дојде до екстремно поскапување на храната, угостителските услуги, домувањето, режиските трошоци, а глобалните кризи само дополнително ја влошија состојбата.
Криза по криза
Во годините пред глобалните кризи националната стапка на инфлација на годишно ниво се движеше од 1 до 2 отсто и најголеми последици врз животниот стандард на граѓаните имаа поскапувањата на струјата и останатите енергенси.
Сепак, првиот значителен скок на цените, кој силно го наруши животниот стандард, дојде за време на карантините во текот на корона кризата и глобалната пандемија во 2020 година.
Кога се сметаше дека една криза е завршена и дека светот се враќа во нормала со укинување на рестрикциите за движење, патување и трговија, дојде новата криза предизвикана од воената инвазија на Русија врз Украина.
Во 2021 година годишната стапка на инфлација достигнала 4,9 отсто, значително повеќе од 2020 година кога годишната стапка на инфлација била 2,3 отсто.
Веќе во 2022 година со глобалната криза за енергенси, храна и неизвесност инфлацијата скокна на дури 18,7 отсто.
За споредба европскиот просек изнесува околу 9 отсто стапка на инфлација, а внатре во Унијата највисока стапка на инфлација има Унгарија со речиси 18 отсто.
Има ли изгледи за враќање на инфлацијата во преткризните стапки?
Годинава очекуваната инфлација според НБРМ ќе изнесува околу 9 отсто, но според досегашните мерења инфлацијата изнесува и натаму прилично високи 14.7 отсто.
Индексите за цените на храната на светските берзи кои ги мери ФАО покажуваат значителен пад и се најниски споредено со пикот на кризата во изминатите години.
Во меѓувреме храната во Македонија постојано поскапуваше и Владата презеде неколку мерки за замрзнување и контрола на цените во маркетите, но главните критики се дека се задоценети и дека нема соодветна контрола на терен за „самоволието на трговците“.
Недовербата во институциите, злоупотребата на глобалните кризи и профитерството, се најголеми проблеми за Македонија и справувањето со галопирачките цени кои значително го срушија животниот стандард, во период кога трошоците за живот и синдикалната потрошувачка кошничка постојано растат.