Економија 09.10.2023 09:19

2 трилиони евра ќе плати Европа за целосната енергетска независност

2 трилиони евра ќе плати Европа за целосната енергетска независност

Целосната енергетска независност на Европа би можела да чини до 2 трилиони евра, се вели во извештајот на Институтот за истражување на климатските влијанија во Потсдам, цитиран од „Reuters“.

Во ова сценарио, до 2040-та година, земјите од Стариот континент целосно ги напуштаат фосилните горива и градат капацитети за обновлива енергија.

За да се реализира овој план, пак, потребни се 140 милијарди евра инвестиции годишно до 2030-та година и 100 милијарди евра инвестиции годишно до 2040-та година, велат аналитичарите. Главниот дел од средствата до 2030-та година треба да одат за изградба на соларна, ветерна, геотермална и водена енергија.

По 2030-та година, напорите ќе треба да се насочат кон промена на енергетскиот систем – на пример, промена на моделот на греење кој моментално се потпира на гас или дури и нафта.

Сумата секако изгледа значителна, но само за компензација поради енергетската криза во 2022-ра година, европските влади платија 792 милијарди евра, се вели во анализата. Нестабилноста на енергетските пазари дојде од руската инвазија на Украина и големата зависност на Европа од рускиот природен гас.

Војната во Украина беше таа што ја поттикна зелената транзиција на Европа и за првпат земјите од ЕУ произведоа повеќе електрична енергија од зелени капацитети отколку од природен гас, коментира претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен пред почетокот на состанокот на Европскиот совет во Гранада.

Пред еден месец и Европскиот парламент одобри нови, поамбициозни цели за обновливи извори – според нив, до 2030-та година учеството на ОИЕ во енергетскиот микс на ЕУ треба да биде 42,5%, наместо 32% што беше целта досега.

Целта е остварлива, но доколку се поттикнат инвестициите во секторот, еден од стимулациите е побрзото одобрување на проектите.