Патниците од земји кои не се членки на ЕУ од тој момент ќе треба да аплицираат за дозвола, која ќе чини околу седум евра. Новото одложување е олеснување и за македонските туроператори, но и за туристите, бидејќи секоја година најмалку половина милион наши граѓани летуваат во соседна Грција, која потпаѓа под одлуката за европска „инстант виза“
Европската унија повторно го одложи датумот на започнување на Европскиот систем за информации и овластувања за патување (ETИАС), потврдија извори од ЕУ. Иако ЕУ досега постојано тврдеше дека овој систем ќе стане оперативен до средината на 2024 година, потврдено е дека датумот на започнување на новите правила за патување ќе биде одложен до мај 2025 година, со можност тој рок повторно да се одложи. Како што се претпоставува засега, причината е што системот за безбедност на границите на ЕУ, таканаречениот EEС или автоматизираниот ИТ систем кој во иднина ќе регистрира патници од трети земји секогаш кога ќе ја преминат надворешната граница на ЕУ, не се подготвени, објави Политика рс.
Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber
И едното не може да функционира без другото. Кога ќе почне да функционира, околу 1,4 милијарди луѓе од повеќе од 60 земји ќе мора да аплицираат за „инстант визи“ или овластувања за патување пред да заминат во ЕУ. Патниците од земји кои не се членки на ЕУ од тој момент ќе треба да аплицираат за дозвола, која ќе чини околу седум евра.
Оваа одлука е олеснување и за македонските туроператори, но и за туристите, бидејќи секоја година најмалку половина милион наши граѓани летуваат во соседна Грција, а која потпаѓа под одлуката за европска „инстант виза“.
-Доколку се воведе ваквата такса, јасно е дека тоа ќе биде дополнителен трошок за сите оние што ќе патуваат не само во Грција, туку и во другите европски земји – велат во дел од туристичките агенции со кои контактираше „Слободен печат“.
И без оваа такса, од догодина нашиот јужен сосед планира значително да ја зголеми цената на таксата за престој за престој во приватно сместување и хотели, а парите од овие давачки ќе бидат насочени кон фонд за борба против последиците од климатските промени. Според грчката телевизија ЕРТ, таксите ќе се движат од 1,5 до 10 евра по соба, во зависност од категоријата за сместување. Од зголемувањето на дневната туристичка такса ќе се обезбедат дополнителни 300 милиони евра, рече грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Исто така, оние што ќе изнајмат повеќе од три објекти ќе имаат обврска да плаќаат ДДВ и данок на добивка.
Инаку „инстант визите“ веќе постојат во САД, Канада, Австралија, додека самата идеја за воведување одобрение на ETИАС датира од 2016 година, но поради пандемијата, почетокот на имплементацијата беше одложен. Овој систем, како што беше наведено претходно, треба да помогне во тековните безбедносни, здравствени и миграциски ризици, а се однесува на 62 земји кои не се членки на ЕУ, но чии граѓани можат да патуваат без визи во Шенген зоната.
Системот е дизајниран да биде некомплициран и, според претставниците на ЕУ, ќе биде лесен, брз и едноставен и ќе ги вклучи оние кои планираат да патуваат од туристички, деловни или други причини.
Граѓаните на Македонија на пример, кои сакаат да отпатуваат во ЕУ ќе треба да пополнат онлајн апликација, која трае не повеќе од десет минути. Сите апликанти на возраст од 18 до 70 години за оваа услуга ќе треба да платат седум евра, додека за малолетниците ќе биде бесплатна, а нивните податоци ќе треба да ги пополнат и испратат нивните родители
Неколку минути подоцна, тие треба да добијат одговор на нивната е-маил адреса со прифаќање на барањето за „инстант виза“ што ќе важи три години (секој престој до 90 дена) или колку што е валиден нивниот пасош.