Банкарство 10.10.2023 15:13

ПРВИОТ ЧОВЕК НА ТТК ДРАГОЉУБ АРСОВСКИ Е КУПУВАЧОТ НА 3.003 АКЦИИ НА БАНКАТА – еве колку плати за 0,3 отсто од капиталот

ПРВИОТ ЧОВЕК НА ТТК ДРАГОЉУБ АРСОВСКИ Е КУПУВАЧОТ НА 3.003 АКЦИИ НА БАНКАТА – еве колку плати за 0,3 отсто од капиталот

Првиот човек на ТТК банка, директор и претседател на Управен одбор, Драгољуб Арсовски, е всушност купувачот на 3.003 акции од самата банка, преку блок трансакција која се случи минатата недела.

Оваа информација ја даде самата банка до инвеститорската јавност преку Македонската берза.

„ТТК Банка АД Скопје известува дека Проф. Д-р Драгољуб Арсовски, Претседател на Управен одбор на Банката, се стекна со 3.003 обични акции, издадени од ТТК Банка АД Скопје“, се вели во објавата од оваа банка.

А, Фактор минсатата недела пишуваше за таа блок трансакција, која се случи во исти ден со уште еден блок, но и во денот кога и на класичниот берзански пазар имаше значајни тргувања со акциите на ТТК банка.

Како што тогаш објави Фактор, тие 3.003 акции беа купени по цена од 1.250 денари за акција, што значи дека Арсовски за нив платил сума од над 61 илјади евра.

Ако се гледа во проценти, станува збор за мал процент акции од банката кои ги купил првипот човек Арсовски, или тоа се безмалку 0,3 отсто од акциите.

Согласно последните податоци од Централниот депозитар за хартии од вредност, во ТТК Банка единствен сопственик кој има над 5 отсто од акциите е токму тетовскиот комбинат „Тетекс“, кој поседува 41,38 отсто од акциите на банката, со што е практично единствениот мнозински и доминантен сопственик на оваа банка.

Покрај Тетекс, во банката има и повеќе ситни сопственици, и тоа 122 фирми, кои заедно поседуваат околу 19 отсто од капиталот, како и 1.774 физички лица, кои заедно располагаат со околу 39 отсто од капиталот. Странци, пак, држат само минорен процент од акциите.

Инаку, според полугодишниот Биланс на успех, ТТК банка за првите шест месеци од годинава остварила прилично солидна добивка од 914 илјади евра, што е значаен раст во однос на истиот период лани, кога добивката изнесувала 669 илјади евра.