Актуелно 12.10.2023 09:58

Пламените јазици за 4 години пеплосаа 600.000 метри кубни шума од 55 милиони евра

Пламените јазици за 4 години пеплосаа 600.000 метри кубни шума од 55 милиони евра

Пожарите и натаму ги пустошат површините со шума или ниско стеблеста вегетација. Иако сме веќе средина на октомври, човечкиот фактор и топлото време без врнежи, си го прават своето и бројот на пожари на отворено прогресивно расте. Само за викендот од Центарот за управување со кризи регистрирале рекорден број, вкупно 116 пожари од кои во петокот настанале 23 пожари на отворен простор, речиси сите попладне, во саботата имаше 33 пожари и во неделата имаше 60 пожари на отворен простор.

Веќе неколку дена гори боровата шума високо над село Белица во Поречието од страната на Македонски Брод, во месноста Аргулица под Солунска Глава на непристапен терен. Во општина Чашка, месност Горна и Долна Бабина Дупка гори ниско стеблеста шума, каде поради непристапниот терен и ветровите кои ги има, не е можно да интервенираат хеликоптерите и авионите „Ер трактори“.

Штетите од пожарите кои се уште се активни низ земјата ќе се знаат откако тие ќе бидат локализирани, но ако се земат предвид бројките од претходните години се работи за милионски суми. Илјадници хектари шума се уништија во изминатиот период, а надлежните се уште се борат со огнената стихија.

Оваа година рекордот е 50 пожари кои настанале само во еден ден во месец август. Со оглед на тоа дека голем број пожари букнуваат речиси секојдневно, можно е 2023 година да ги урне сите досегашни рекорди.

Така, во 2019, според годишниот извештај на „Македонски шуми“ во земјата имало имало 402 пожари или четири пати повеќе од 2018 година. Во 2019 година биле опожарени 15.675 хектари, со 95.938 кубни метри опожарена дрвна маса. Штетата која ја нанеле пожарите била околу 13 милиони евра.

Во 2020, исто рака според годишниот извештај на „Македонски шуми“ во земјата имало имало 102 пожари. Вкупно била опожарена површина од 1.233 хектари. Опожарената дрвна маса изнесувала 8.138 кубни метри, а била причинета штета од околу 1,3 милиони евра.

Наспроти 2020, следната 2021 година има повторно пораст на бројот на пожари – 204.

– Бројот на пожари во 2022 година изнесува 104 и истиот бележи намалување во однос на бројот на пожари во 2021 година кој изнесувал 204, и тоа за 49%. Опожарена површина во 2022 година изнесува 1.956 хектари и бележи намалување од 84% кога опожарена површина во 2021 година изнесувала 12.315 хектари. Во 2022 година е опожарена дрвна маса од 12.477 кубни метри и истата бележи намалување од 97% во однос на 2021 година кога таа изнесувала 490.023 кубни метри. Вкупната штета од шумските пожари е изразена во денари и за 2022 година изнесува 119.379.489 денари (1,94 милиони евра) и бележи намалување од 94% во однос на 2021 година кога истата изнесувала 2.373.137.539 денари (38,6 милиони евра) – се наведува во Годишниот извештај за 2022 година за квалитетот на животната средина на МЖСПП.
Кога ќе се сумираат штетите направени во шумските пожари од 2019 до 2022 година, се забележува дека неповратно изгореле 606.576 кубни метри дрвна маса и е направена штета од 54,84 милиони евра, што е навистина многу пари за сиромашна земја како нашата.

Штетите, долгорочно се навистина големи со оглед на фактот што шумите се ресурс кој не може брзо да се обнови. Експертите од оваа област велат дека потребни се околу 50 години за да се доведе опожарена површина во некоја првобитна состојба, со пошумување.

Во 2020 вкупно имало пошумување од 569 хектари, според податоците на Државниот завод за статистика. Поголема е бројката во 2019 и 2018 година кога по речиси илјада хектари биле насадени. За трите години било извршено пошумување со 2.493 хектари. Вкупната површина на шума 2021 година, како што наведува статистиката, изнесувала 910.552 хектари.