Регулаторната комисија за енергетика објави дека од јануари 2022 година заклучно со 30 септември 2023 година издадени се лиценци на вкупно 686 централи со вкупна инсталирана моќност од скоро 503 мегавати.
За споредба, според РКЕ, станува збор за доволен капацитет да се обезбедат потребите за електрична енергија на домаќинствата од 18 градови од државата.
„ Новите централи од обновливи извори што се изградени за 21 месец може да снабдуваат над 160 илјади домаќинства со просечна потрошувачка од 18 градови и тоа Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка, Св. Николе, Ресен, Дојран, Дебар, Виница, Струга, Неготино, Гевгелија, Велес, Гостивар, Кавадарци, Делчево и Македонска Каменица. Сонцето конечно е ‘рбетот на новата македонска енергетска независност, која до сега се потпираше на јагленот. Овие бројки и нови мегавати се потврда дека енергетската транзиција е реалност“ изјави Марко Бислимоски, претседателот на РКЕ.
Тој дополни дека во широката слика за да се балансира системот значајно ќе придонесе и изградбата на долго очекуваниот капацитет ХЕЦ Чебрен – што ќе претставува своевидна батерија.
Во 2022 година РКЕ има издадено лиценци на 267 централи со инсталирана моќност од 152,2MW, додека од почетокот на годината 2023 до крајот на септември 419 ФЕЦ се имаат стекнато со лиценци со моќност од 350 MW.