Со новиот закон за забрана на нефер трговски практики власта очекува да има намалување на цените на храната но и подобрување на нејзиниот квалитет. Рабатот се предвидува да се намали до 10% годишно. Министерот за економија Крешник Бектеши денеска имаше средба со претставниците на најголемите компании во земјоделскиот сектор околу новините кои ги предвидува овој закон и е убеден дека кога ќе стапи на сила ќе има пониски цени на производите и подобар квалитет.
– Ова законско решение ќе ги уреди условите, начинот како ќе се врши трговија во делот на земјоделските и прехрамбените производи и нема да дозволи можност за да се користи моќ на одредена компанија врз другите компании. Со ова би требало, откако законот ќе стапи на сила да влијае во делот на намалување на цените на овие производи, вели Крешник Бектеши министер за економија.
Закон за забрана на нефер трговски практики кај нас се носи за прв пат.
Во него се опфатени 26 нефер трговски практики, а за приспособување на компаниите кон понудените решенија е одреден рок од шест месеци. За непочитување на законските одредби засега во пред лог текстот се предвидени глоби до 20 000 евра. Васко Ристовски од Комората очекува со овој закон да се стави ред во трговијата со зејмоделските и прехрамбените производи.
– Ова е сосема нов закон, нова работа за сите нас и за компаниите, добавувачите, трговците на мало и големо.Тоа е европски закон кој е транспониран кај нас, прилагоден за нашиот пазар, сметаме дека ќе се воведе ред, вели Васко Ристовски – самостоен советник во Стопанска Комора.
Инаку, околу листата на прозиводи со повисоко ДДВ, Бектеши повтори дека производите наведени во одлуката за „гарантирана цена“ нема да бидат опфатени во неа, а доколку има технички грешки тие ќе бидат корегирани. Сепак, според него повеќето производи остануваат со 5% ДДВ.