Војната помеѓу Израел и Хамас ќе има пошироко влијание врз светската, европската, но и врз нашата економија. Цената на нафтата деновиве забележа драстичен скок на над 89 долари, а според светските прогнози, може да се качи и до 150 долари за барел до 2026 година. Растот на цената на нафтата може да повлече поскапувања на низа производи и да ја подгрее инфлацијата, која кај нас не се смири уште од пандемијата. Економските експерти велат дека војната во Израел ќе предизвика зголемување на цената на многу производи поради скок на цената на енергенсите, кои се главни инпути во процесот на производство. Освен врз зголемување на цените, според експертите, војната може да влијае и врз намалување на економската активност, извозот, инвестициите…
– Војната во Израел ќе предизвика геополитички ризици на глобално ниво, кои ќе влијаат негативно на светската економија и на светската трговија. Тоа ќе повлече намалување на економската активност на нашите големи трговски партнери, како, на пример, Германија, која веќе чувствува негативни реперкусии, ќе предизвика и намалување на нашиот извоз – изјави за весникот ВЕЧЕР Дарко Лазаров, универзитетски професор и економски експерт.
Според него, силниот раст на цените на нафтата на светските берзи може многу негативно да влијае на нашата економија со оглед на фактот што ние сме увозно зависни, особено од енергенси – нафта и нафтени деривати.
– Зголемувањето на цената на нафтата ќе предизвика директно влијание – зголемување на влезните инпути во производството, што, секако, ќе влијае на нагорна корекција на цените на производите. Ова особено ќе биде неповолно за нас, бидејќи веќе се наоѓаме во инфлаторна спирала. Сето ова дополнително ќе ја зголеми инфлацијата, а бизнис-секторот ќе влезе во фаза на неизвесност – вели Лазаров.
Експертите велат дека сите овие геополитички ризици ќе предизвикаат негативно влијание и врз странските и врз домашните инвестиции, бидејќи секоја војна предизвикува страв од нови инвестиции. Војната ќе го ограничи пристапот и ќе го поскапи капиталот, така што, според експертите, се очекува да влијае и врз растот на каматните стапки на кредитите. Сепак, според нив, колкаво ќе биде влијанието врз светската, како и врз нашата економија, најмногу ќе зависи од тоа дали војната ќе се рашири или ќе остане на тоа подрачје.
И светските експерти прогнозираат дека војната меѓу Израел и Хамас ќе повлече поскапување на многу производи, бидејќи како што растат цените на суровата нафта така и заканата од висока инфлација повторно ја зафаќа светската економија.
Поскапувањето на енергенсите во последниве години стана горлив проблем, кој влијае врз глобалната економија, но и врз секојдневниот живот на граѓаните. Зголемувањето на цените на нафтата, гасот и на јагленот директно се рефлектира на трошоците за транспорт, производството на енергија и греењето на домовите. Освен што го оптоварува буџетот на домаќинствата, ваквата состојба доведува и до зголемување на цените на многу производи и услуги, што дополнително ги зголемува инфлаторните притисоци.