Економија 17.10.2023 11:52

ЕУ ја пречекува зимата со рекордни резерви на природен гас

ЕУ ја пречекува зимата со рекордни резерви на природен гас

Земјите од ЕУ испумпуваа рекордни количества природен гас, според статистиката на „Gas Infrastructure Europe“ (GIE) – од 14-ти октомври складиштата за гас во заедницата беа полни до 97,9% од нивниот капацитет. Тоа значи дека ЕУ има на располагање околу 105 милијарди кубни метри гас за зимата.

Европските трговци веќе бараат алтернативни опции за складирање на гас за да го искористат максимумот од разликата во цените сега и за зимските месеци. Една од опциите се покажа дека е Украина – земјата има огромни резервоари за гас лоцирани претежно во западните делови, односно далеку од линијата на фронтот.

Во 2022-ра година, Киев почна да пумпа гас дури на почетокот на септември, но сега складиштата за гас се полни речиси 40%. Според владините податоци, во резерва има 15,5 милијарди кубни метри гас и 1,2 милиони тони јаглен. Од земјава велат дека оваа зима ќе се обидат да ги искористат резервите што ги акумулирале на сопствено производство.

Податоците покажуваат дека поради топлото време на почетокот на октомври, ниту една земја во моментов не ги црпи своите резерви, а штедењето продолжува.

По тешките месеци на почетокот на 2022-ра година, Европската комисија ја промени директивата за гас, а според регулативата, земјите од ЕУ мора да имаат најмалку 90% полни складишта на гас пред 1-ви октомври, односно пред официјалниот почеток на зимската сезона. Минатата зима, заедницата ја дочека зимата со повеќе од 90% целосно складирање на гас (околу 100 милијарди кубни метри), но таа беше невообичаено блага и тоа остави многу гас во резерва. Едно од главните прашања во случајот е високата цена на гасот, бидејќи таа беше надуена во есента 2022-ра година, кога цените накратко достигнаа рекордни 350 евра за мегават час.

Сега цената е неколкукратно пониска – поради геополитичката нестабилност на Блискиот Исток и експлозија на гасовод во Балтичкото Море, цената на гасот во понеделникот (16.10) беше 48,50 евра за мегават час. Од почетокот на октомври залихите поскапеа за 37%.

Енергетската и гасната криза на крајот на 2021-ва година и во поголемиот дел од 2022-ра година ја намали потрошувачката на гас во Европа. Многу компании се префрлија на поевтини алтернативи, а некои го затворија производството во очекување на подобри времиња.

Сепак, според податоците на „Bruegel“, во втората половина на 2023-та година има знаци на пораст на побарувачката – во текот на целата 2022-ра година потрошувачката била за 35% пониска од просечната за 2019 – 2021 година, додека во втората половина на 2023-та година веќе е 19%. пониско.