Врие во кавадаречки Еуроникел Индустри, некогашно ФЕНИ. Синдикатот бара одговори на многу прашања поврзани со комбинатот, и доколку не добие релевантни одговори, утре рано наутро ќе ја блокира фабриката. Значи, работите ќе се радикализираат во Еуроникел индустри, особено откако актуелниот менаџмент на комбинатот не успеал во петокот да ја исплати ниту целата септемвриска плата за вработените, ниту да им даде одговор ќе има ли пари за нормално работење на компанијата, како и пари за струја за печката.
Фактор дојде до писмото кое првиот човек на Синдикалната организација на Еуроникел индустри, Миле Ѓорѓиев, го испратил директно до швајцарскиот фонд ГСОЛ, кој е актуелен сопственик на кавадаречкиот комбинат.
Во него Ѓорѓиев им реферира на сопствениците каков разговор имале синдикалците со директорот на компанијата, Гркот Димитрос Пахос, и дека работниците не се задоволни од неговите одговори во врска со иднината на компанијата.
Од синдикатот информирале дека вчера, на нивно барање се одржала средба со директорот и раководството на компанијата, каде што синдикатот побарал одговор на повеќе прашања.
Како прво, зошто не се исплатила септемвриската плата во целост, како што било договорено и ветено од страна на директорот? Одговорот бил дека делот од платата „настрадал“ поради фактот што еден дел е задржан од Царина со извршно решение, а друг дел бил исплатен на една компанија снабдувач со електрична енергија, под закана дека веќе од понеделникот, 16 октомври, ќе го прекинат доводот на струја, доколку кон нив не се исплати долгот за потрошените количества.
На прашањето, пак, зошто пет месеци се вели дека ќе има пари за сѐ, одговорот бил дека и самиот „директор бил излажан од ГСОЛ и партнерите дека ќе има производство, како и дека и да знаел дека ќе било вака, немало да ја прифати позицијата директор“. Тој им рекол на вработените дека септемвриската плата ќе се доплати кога ќе има средства, но притоа не кажал конкретен датум.
Потоа се поставило прашањето до каде е барањето на нов партнер кој би го заменил ArrowMetals. Овде одговорот бил дека во рок од 30 дена ќе се решело што и како понатаму, а немало одговор, како што пишуваат вработените, како ќе се преживеат тие 30 дена.
„За нас како Синдикат очигледно е од текстовите и изјавите по медиумите дека GSOL сака да ја продаде фабриката, само не може да се договори за цена со потенцијалниот инвеститор. Директорот ја демантираше оваа констатација и на прашањето дали има конкретна понуда за преземање на компанијата од заинтересиран инвеститор вели дека сеуште нема таква понуда – што значи дека сакаат да ја продадат фабриката“, констатирале синдикалците во своето писмо до самите сопственици ГСОЛ.
Понатаму, на прашањето од каде ќе има пари за октомвриската плата, за струја за печката и за тековно одржување на фабриката ако ГСОЛ не сака да обезбеди средства за тоа, директорот не дал договор, што предизвикало незадоволство кај синдикалната организација и гласни негодувања и реакции, бидејќи фабриката не може да опстане без струја, исто како што, велат работниците, тие не можат да живеат од воздух и треба да се прехранат нивните семејства и да се подмират секојдневните трошоци и давачки.
„Очигледно е дека на инвеститорот не му е гајле како работниците ќе преживеат, ниту како фабриката ќе се зачува. Работниците доаѓаат на работа секој ден и бараат да им се плати трудот и потрошеното време“, напишале тие во своето писмо.
Додаваат дека пред само 10 дена, на состанокот одржан на 5 октомври, директорот кажал дека платата ќе им биде исплатена следната недела (таа што помина –н.з.) и дека во ноември комбинтот ќе се врати со нормално производство од 1.000 тони месечно.
„Но на последниот состанок имаме целосно спротивна ситуација, плата неплатена, струја нема, нема план за работа, само повторно ветување дека се бара партнер“, напишале работниците од синдикатот.
Натаму, како што додале, бидејќи директорот немал одговор за сите важни дилеми, на прашањето дали ја тера фабриката во стечај, неговиот одговор бил „не“, а тој и навел дека се уште се бори да ја спаси фабриката.
На прашањето што ако има потенцијален инвеститор, одговорот бил дека банката ќе одлучела кој ќе ја работи фабриката. Овде не е јасно за која банка станува збор.
„Синдикалната организација е крајно незадоволна и загрижена од одговорите на директорот и ова писмо го праќаме до инвестицискиот фонд ГСОЛ со барање до среда 18 октомври (денеска – н.з.) до 15 часот да се добие одговор. Доколку нема позитивен одговор за исплата на плата, набавка на струја за печката и продолжување на производството, во четврток, 19 октомври, во 5.35 минути, ќе се блокира влезот на фабриката и никој нема да биде пуштен да влезе до решавање или одговор на прашањата кои се крајно загрижувачки“, напишале во своето писмо од синдикалната организација.
Тоа значи дека денеска е своевиден ден „Д“ за кавадаречкиот комбинат, и дека ќе бидат појасни многу работи околу тоа каква ќе биде иднината на комбинатот.
Фактор веќе објави дека почнувајќи од 6-ти овој месец, во компанијата постои застој во производството, односно има само таканаречено топло одржување на печката, со што таа практично се држи во кондиција да не се угаси, но не се одвива производниот процес во фабриката. На работниците им било објаснето дека причината за овој застој е фактот што има недостиг од репроматеријали за производство, но и не може да се обезбеди пласман за готовиот производ.
Но, како што велат нашите извори, и самото топло одржување на печката предизвикува големи трошоци за електрична енергија, бидејќи се трошат по 5 или 7 мегавати за час, што, пак, се проценува на околу 100 евра за час дури и кога комбинатот не работи.
Од тие причини веројатно снабдувачот се заканил дека ќе ја прекине испораката ако не му се подмири долгот.
Во меѓувреме, Блумберг Адриа објави дека понуда за преземање доставила компанијата „К.А.Д менаџмент сервисес“, која е сегашен деловен партнер на Еуроникел индустри. Фактор во петокот од менаџментот на компанијата побара одговор дали е точно дека компанијата „К.А.Д менаџмент сервисес“ доставиле понуда за преземање и спас на Еуроникел индустри, но и дали е точно дека компанијата во моментов се соочува со проблеми, но наместо одговор до Фактор, од компанијата решија да испратат соопштение до сите медиуми во кое наведуваат дека „влегуваат во процес на одржување на производните капацитети“.
„Ова следува како резултат на пазарното преструктуирање, промените и пазарните барања, при што е неопходно компанијата да спроведе финансиска консолидација со што би се обезбедило натамошно работење и континуитет на компанијата. Вработените редовно земаат плата, септемвриската плата е исплатена денеска, а состојбата со одржувањето на производството ќе биде проследена со прераспределба и ротација на вработените во различни погони. По внатрешното преструктуирање на производниот процес, кое се очекува да трае еден месец, намерата е стабилизирање на состојбата и почнување со редовна работа“, соопштија тогаш од ГСОЛ, вперувајќи го прстот кон “ArrowMetals & Trading”, главниот снабдувач на руда и фероникел.
За таа фирма рекоа дека ги одложила плаќањата, ги намалила или целосно ги изменила нарачките без претходна најава и тоа во рок од неколку дена.
„Не ни е јасно дали тоа е затоа што ArrowMetals се наоѓа во тешка финансиска состојба или пак има за цел да му помогне на К.А.Д. МС, што е во сопственост на г-дин Константинос Даскалакис, таткото на Андреас Даскалакис, очигледниот сопственик на Arrow, со цел да го купи Еуроникел за многу помала вредност“, стоеше во соопштението.
Ова значи дека всушност има понуда за купување на Еуроникел индустри, која можеби би довела до спас на комбинатот, но која очигледно сегашните сопственици не сакаат да ја прифатат.
И додека во преживеаниот „стечаец“ ФЕНИ врие и работниците ги чекаат своите плати и перспективи, сопствениците и менаџерите треба да решат како ќе ја пребродат кризната состојба.