Актуелно 19.10.2023 08:53

„Бехтел и Енка“ заработи десет пати повеќе од „Синохидро“ за половина година во Македонија

„Бехтел и Енка“ заработи десет пати повеќе од „Синохидро“ за половина година во Македонија

Американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ кој работи на проектот со коридорите 8 и 10д за помалку од половина година заработи десет пати повеќе од кинески „Синохидро“, изведувачот на автопатот Кичево – Охрид. Ова го покажува извештајот на Јавното претпријатие „Државни патишта“ за првата половина од 2023.

До 1 јули за оваа година за реализација на автопатската делница Кичево – Охрид финансирана од кинеската Ексим Банка потрошени се 1,006 милијарди денари, или само 16,36 милиони евра.

За инвестиции од програмата за финансирање на патна инфраструкура за проектот Коридор 8 и Коридор 10Д реализирани се 10,46 милијарди денари, односно 170 милиони евра, што беше и претходно објавено во медиумите до тој период на годината.

Владата не знае точно дали автопатот Кичево-Охрид ќе заврши во предвидениот рок до крајот на годинава. Избегнувајќи го прашањето, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски претходно рече дека на овој автопат се работи интензивно и дека деловите кои ќе бидат готови ќе бидат пуштени во употреба.

Од друга страна, „Бехтел и Енка“ започна со изградбата на средината на минатиот месец со минирањето над гостиварското село Дебреше за пробивање на трасата на автопатот Гостивар – Букојчани на Коридорот 8. Изведувачот овој проект го гради со директни финансии од буџетот.

Сликата на терен остава впечаток дека нема реални изгледи изградбата на автопатот од Кичево до Охрид да заврши во 2023 година, како што е предвидено и со закон. Договорот за изградба на делницата е потпишан пред точно 10 години со кинески „Синохидро“. Изградбата на автопатот Кичево – Охрид почна во февруари 2014 година.Педесет и седумте километри автопат требаше да чинат 374 милиони евра и да бидат завршени за околу четири години.