Две компании од Северна Македонија се најдоа на ранг листата „ЈИЕ ТОП 100“ на најголеми компании во Југоисточна Европа во 2022 година, објавена денес од „СиЊуз“ (SeeNews), провајдер на деловни вести.
Хемиската компанија „Џонсон Мети“ е рангирана на 30. место со вкупни приходи од 2,5 милијарди евра, пораст од 19 отсто во однос на претходната година. На листата се најде и рафинеријата „Окта“, која е на 99. место.
„ЈИЕ ТОП 100“ ги рангира најголемите компании во Југоисточна Европа според вкупни приходи за фискалната година која заврши на 31 декември 2022. Публикацијата вклучува и ранг листи на најголемите банки и најголемите осигурителни компании во регионот.
Покрај геополитичките турбуленции, високата инфлација и намалената побарувачка, најголемите компании во Југоисточна Европа имаа двоцифрен раст во приходите и профитот во 2022, покажува рангирањето „ЈИЕ ТОП 100“.
Најголемите 100 компании во Југоисточна Европа ја завршија 2022 година со вкупни приходи од 223,9 милијарди евра, зголемување за рекордни 46 отсто во споредба со приходите на рангираните компании една година порано. Растот на профитот е уште позабележителен, 63 отсто, на вкупни 10,3 милијарди евра. Границата за рангирање, исто така, значително се зголеми во 2022 година, на 975,6 милиони евра од 699 милиони евра претходната година и е двојно поголема во споредба со 2012 година.
Најголемиот произведувач на нафта и гас во Романија, „ОМВ Петром“, во мнозинска сопственост на австриската „ОМВ“, ја задржа првата позиција во регионот втора година по ред. Приходите на компанијата се зголемија за повеќе од двапати, на 13,4 милијарди евра, додека профитот се зголеми за над трипати, на 2,1 милијарди евра.
Додека проблемите со енергетската безбедност поттикнати од војната во Украина беа први на глобалната агенда, нафтените и гасни компании имаа исклучително добра година. Вкупните приходи од продажбата на овие компании на ранг листата речиси се удвои на 87 милијарди евра и се двојно поголеми од оние во вториот најголем сектор – електрична енергија. Над една четвртина од сите компании на ранг листата работат во областа на нафтата и гасот, произведувајќи 39 отсто од вкупните приходи на сите компании на ранг листата „ЈИЕ ТОП 100“. Нивниот профит се зголеми повеќе од двапати и изнесува 4,4 милијарди евра, и покрај одлуките на некои влади да ги ограничат цените за горива и да воведат даноци на неочекуван профит.
Кога станува збор за компаниите за електрична енергија, нивните вкупни приходи се зголемени за 85 отсто, поради што станаа втор најголем сектор во регионот, заземајќи го местото на секторот трговија на големо и мало.
Покрај прекините во снабдувањето, растот во цените на енергенсите и пазарните интервенции на владите, компаниите во најголемите два сектори претставуваат речиси половина од сите компании на ранг листата „ЈИЕ ТОП 100“ и девет од најголемите десет компании во регионот се од овие два сектора.
Целата публикација „ЈИЕ ТОП 100“ е достапна за преземање овде.
****
За методологијата на „ЈИЕ ТОП 100“
„ЈИЕ ТОП 100“ ги рангира најголемите компании во Југоисточна Европа според вкупните приходи за фискалната година која заврши на 31 декември 2022. Податоците за 2022 година и 2021 година се преземени од годишните неконсолидирани извештаи на компаниите за 2022 година. Рангирањето „ЈИЕ ТОП 100“ ги вклучува нефинансиските компании регистрирани во Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Северна Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија и Словенија. Банките, брокерските куќи, осигурителните компании и трустовите за инвестирање во недвижнини се исклучени од рангирањето бидејќи вкупните приходи не се точен индикатор на нивниот успех. Холдинг-компаниите, од друга страна, се вклучени во рангирањето преку нивните подружници. Сите податоци се преземени од национални регистри, берзи, владини или корпоративни веб-страници, регулаторни тела, локални провајдери на деловни информации и самите компании.
За „СиЊуз“
„СиЊуз“ е првиот провајдер на бизнис интелигенција во Југоисточна Европа, кој обезбедува перспектива од 360 степени на регионот за да им помогне на бизнисите да направат информирани одлуки. Со над 15-годишно искуство на пазарот, ние сме единствено место за сите ваши деловни потреби. Покриваме теми за 123 индустрии и сектори, 11 земји и над 800.000 компании, нудејќи најнови вести, коментари и детално истражување на пазарот преку нашата интегрирана онлајн-платформа, како и истражувачки услуги по барање.