Финансии 25.10.2023 12:29

Владата сама си го зголеми максимално дозволеното нето задолжување кај домашните кредитори

Владата сама си го зголеми максимално дозволеното нето задолжување кај домашните кредитори

Наместо за 350 милиони евра, Владата самата себе си даде простор годинава да се задолжи за 502 милиони евра, и тоа на нето основа само на домашниот пазар.

Ова значи дека планираното нето задолжување кај домашните кредитори во текот на оваа година се зголемува за над 150 милиони евра, што, пак, упатува на претпоставката дека финансиските власти се нашле во прилично голем „зорт“ за средства за финансирање на буџетската ликвидност, штом при крајот на годината ја преиначуваат одлуката за максимално дозволениот износ на нето задолжување.

Ова нето задолжување, пак, значи дека од домашните кредитори ќе се земат многу повеќе пари, но и ќе се врати одредена сума, така што всушност внатрешниот долг на државата би пораснал оваа година за точно 502 милиони евра.

Владината одлука со која се менува претходната нејзина одлука за утврдување на максимален износ за нето задолжување преку домашниот пазар била донесена на седница која се одржала на 10 октомври годинава, по што таа е објавена и во Службен весник на Македонија.

„Врз основа на член од Законот за јавен долг,Владата на седницата одржана на 10 октомври 2023 година донесе Одлука за изменување на одлуката за утврдување на максималниот износ на нето-задолжување, преку издавање на државни хартии од вредност на домашниот финансиски пазар во 2023 година. Во Одлуката, зборовите 21.535.000.000 денари (350 милиони евра – н.з.) се заменуваат со зборовите 30.920.000.000 денари (502 милиони евра – н.з.). Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник“, се вели во новата одлука, која е потпишана од премиерот Димитар Ковачевски.

Претходната одлука, пак, за максималниот износ на нето-задолжувањето преку државни хартии од вредност на домашниот пазар Владата ја донела на крајот на декември минатата година. Со неа се утврдило дека земјава годинава кај домашните кредитори ќе може да се задолжи на максимум 350 милиони евра на нето основа. Тоа се прави преку издавање на државни хартии од вредност, каде што влегуваат државните записи и државните обврзници.

„Издавањето на државните хартии од вредност се врши согласно Календарот за планираните емисии кој го утврдува и објавува Министерството за финансии на почетокот на периодот за кој се однесува. Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во Службен весник на Република Северна Македонија, а ќе се применува од 1 јануари 2023 година“, се вели во декемвриската владина одлука, која била исто така потпишана од премиерот Димитар Ковачевски.

Која е причината за ваквото значајно „дозволено“ зголемување на прагот за внатрешно задолжување не е познато, односно дали причина е неможност да се земе заем од некој странски кредитор или да се издаде обврзница на странскиот пазар, или пак, пропаднал некој друг очекуван извор на финансирање на буџетските потреби, или, пак, се зголемиле потребите од буџетски средства за одредени намени. Како и да е, се очекува од властите ова транспарентно да и го соопштат на јавноста.

Или, пак, можеби причината за ова е додавањето на пазарот на некои нови инструменти, како што се граѓанската обврзница, зелената обврзница, како и од вчера структурните обврзници за општините. Сето ова исто така создава нов долг за државата, а кредиторите повторно се домашни, односно тоа се граѓаните или домашни банки и фондови.

Инаку, согласно проспектите кои ги објавува Министерството за финансии, може да се види дека во овој период најкористен инструмент на внатрешно задолжување се петнаесетгодишните државни обврзници, кои се издаваат секој месец, а некогаш и два пати месечно. Последната аукција на петнаесетгодишна државна обврзница била одржана на 10 овој месец, при што државата се задолжи за 6,5 милиони евра, пари кои ќе ги враќа на 15 рати до 2038 година, а за што ќе плаќа годишна камата од 6,15 отсто.

Министерството за финансии пред околу една недела соопшти дека го објавува Проспектот за втората емисија граѓански обврзници на износ од 600 милиони денари, или безмалку 10 милиони евра. Граѓаните до 6 ноември имаат можност да запишат граѓански обврзници, повторно со каматна стапка од 5 отсто.

„По успешно реализираната прва емисија на граѓанската обврзница, за која граѓаните изразија голем интерес, денеска на пазарот ја објавуваме втората емисија. Граѓаните во овој инструмент го препознаа својот интерес и очекуваме дека и овој пат ќе имаме успешно спроведен процес на издавање на граѓанската обврзница“, рече тогаш министерот за финансии Фатмир Бесими.

А, како што е познато, на првата аукција на граѓанската обврзница граѓаните пројавија два пати поголем интерес од износот кој беше објавен со Проспектот. И беа запишани граѓански обврзници во износ од 1.448.030.000 денари или нсад 23 милиони евра.

На почетокот на октомври, пак, Финансии соопшти дека голем интерес бил пројавен на аукцијата за најновиот финансиски инструмент на пазарот – зелената обврзница. Имено, имало побарувачка за речиси три пати повеќе, односно била доставена понуда во износ од 1,635 милијарди денари или 26,6 милиони евра. На аукцијата биле запишани зелени обврзници во износ од 10 милиони евра. Интерес имало од банки, финансиски институции, но и од физички лица. Издадените зелени обврзница се со рок на доспевање од 2 години со каматна стапка од 4,75 отсто годишно , односно ќе доспеат на 5 октомври 2025 година, а каматата ќе биде исплатена на 5 октомври 2024 година за првата година и на 5 октомври 2025 година за втората година, заедно со главнината.

Министерството за финансии издаде структурни обврзници во вкупен износ од 275 милиони денари, од кои од 250,2 милиона денари за Тетово, 21,7 милиони денари за Желино и 2,5 милиони денари за Виница. Општините со потпишување на договорите, издадените обврзници можат да ги користат за исплата на обврските кон доверителите, кои пак со издадените обврзници можат да подмируваат обврски кон Управата за јавни приходи или со нив да тргуваат на секундарниот пазар на Берзата.

Структурните обврзници се нов финансиски инструмент, кој е воведен со Законот за финансирање на единиците на локалните самоуправи и дава можност на општините да ги користат за подмирување на доспеани, а неплатени обврски. Се издаваат на 10 години и со нив се овозможува репрограмирање на обврските, но и можност за консолидирање на своите буџети и можност да се фокусираат на својот развој. Износот за издадените обврзници ќе го враќаат во 10-годишни еднакви рати.
Но, како што веќе објави Фактор, мора да се има предвид дека внатрешниот долг на државата е значајно зголемен, повеќе од двојно во споредба со 2015 година.

Ако на крајот на 2018 година сме имале внатрешен јавен долг од 1,38 милијарди евра, на крајот на вториот квартал од 2023 година тој изнесува 2,86 милијарди евра.