Актуелно 27.10.2023 09:15

ТРГОВЦИТЕ СО ГОРИВА ТРИЈАТ РАЦЕ: Се враќа преткризната профитна маржа

ТРГОВЦИТЕ СО ГОРИВА ТРИЈАТ РАЦЕ: Се враќа преткризната профитна маржа

Трговците со горива ќе добиваат екстра половина денар како профитна маржа за секој литар бензин и дизел од следната недела. Податоците добиени од Царинската управа и од самите трговци на големо покажувале дека вредностите кај одредени параметри се промениле на пазарот со нафта и нафтени деривати.

Одлуката што Регулаторна комисија за енергетика ја подготвува да ја донесе денес ќе стапи на сила од 30 октомври, а профитната маржа за трговците од секој литар еуросупер 95, еуросупер 98, еуродизел и екстра лесно масло за горење ќе биде 4,5, наместо досегашните 4 денари.

„Регулаторна комисија за енергетика одлучи со оваа Одлука трговската маржа да ја врати на исто ниво, како што беше утврдена пред енергетската криза во износ од 4,50 MKD/l за сите нафтени деривати, освен за Мазутот во износ од 2,50 MKD/kg. Овој износ на трговската маржа ќе им обезбеди на нафтените компании доволно висока основна цена на нафтените деривати (цена без давачките кон државата) за покривање на трошоците во нивното работење, и остварување на позитивни финансиски резултати“, заклучено е во одлуката на РКЕ.

Комисијата во екот на големото поскапување на горивата на почетокот на минатата година го промени Правилникот за формирање на цени, според кој трговската маржа за бензините и за дизелот беше намалена за 33 проценти, и наместо 4,5 денари, изнесуваше 3 денари за еден литар.

Мерката беше донесена како привремена се до носење на законите за намалување на ДДВ-то и за акцизите за горивата, а во текот на годината маржата се зголеми на 4 денари. Во јуни 2022 додека се продаваа горива со историски највисоки цени, Владата не ги продолжи мерките за намалување на ДДВ од 18 на 10 проценти и ја врати старата методологија за пресметка на акцизата.

И покрај намалената профитна маржа, трговците минатата година остварија големи добивки во земјата. Над 2,5 милијарди евра плативме за дизели, бензин, автоплин и мазут во 2022 година. Податоците на Регулаторната комисија за енергетика покажуваат дека минатата година Македонија конзумирала 841.000 тони дизел горива, 120.000 тони бензини и речиси 220.000 тони мазут.