„Сите забораваме дека кога дојдовме во 2017 година, скоро повеќе од 240.000 добиваа пензии под 14.000 денари. Денес, имаме 106 000 пензионери кои добиваат пензии до 14.000 денари, а овие другите 130.000 веќе добиваат пензии скоро до просечна пензија“ рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во „Утрински печат“.
Тој додаде дека овие 130 илјади пензионери се извлечени и сега добиваат подостоинствени пензии.
„За минимална пензија се прават последните анализи дали има услови и што тоа ќе значи за пензискиот фонд. За жал, ние кога ги анализираме често забораваме колкав е бројот на пензионери кои биле под некоја претпоставена минимална пензија“ рече Битиќи.
Тој додаде дека пензионерите од ранливите категории ваква помош ќе добиваат најмалку до април месец идната година.
„Ние направивме неколку категории на пензионери, пензионери под 14.000, кои што примаат до 14.000, до 16.000 и до 19.000 денари. Овие ќе добијат дополнителен финансиски додаток како што работната група преговараше. Ќе добијат фиксен додаток“ рече Битиќи.
Вицепремиерот додаде дека различните категории ќе добијат различни износи на помош и исто така кажа дека се продолжува со мерката енергетски додаток за ранливите категории за социјалните пензии.