Северна Македонија е умерено подготвена во делот на енергетиката.
Постигнат е одреден напредок во регионалните интерконекции за гас и во обновливата енергија, со инвестиции во соларни електрани, но сепак во целост не се имплементирани минатогодишните препораки, констатира Европската комисија (ЕК) во Извештајот за напредокот на земјава во 2023 година.
Од ЕК посочуваат дека енергетската криза покажала дека земјава треба да ја забрза транзиција кон зелена енергија и да ја намали зависноста од гас и јаглен. За наредната година препорачуваат земјава да обезбеди кохерентна енергетска политика, да го подобри управувањето и институционалниот капацитет во енергетскиот сектор и да го подобри стратешкото инвестициско програмирање, како и да ја забрза транзицијата кон зелена енергија во согласност со Зелената агенда за Западен Балкан и националната енергетска стратегија.
Водено препорачуваат да се ажурира и спроведе Националниот енергетски и климатски план-NECP, во согласност со климатските и енергетските цели на Енергетската заедница за 2030 година, да се усвои и спроведе законодавството за подобрување на енергетската ефикасност, да се заврши раздвојувањето (сертификацијата) на операторите на системи за пренос на гас и да се поттикне развојот на пазарот и регионалната пазарна интеграција.
Во делот на електричната енергија се потсетува дека е во тек изградбата на нов 400 киловолтен електропреносен интерконекторен вод со Албанија, дека е воспоставен пазар на електрична енергија ден однапред и дека се уште е во тек формирањето на пазарот во текот на денот.
Учеството на обновливите извори на енергија во бруто потрошувачката на финална енергија за 2022 година, какао што се посочува, изнесува 18,8 отсто, а инвестиции во хидроенергијата треба да биде во согласност со релевантното законодавство за животната средина.
За гасните интерконекции, се вели дека е финализирна почетната фаза на проектирање за изградба на интерконекторот со Грција и дека се изготвени физибилити студии за линија до Србија и Косово. Се нагласува дека залихите на нафта се доволни за најмалку 53 дена и дека цените на нафтените деривати на големо се целосно дерегулирани.
Во делот на енергетската ефикасност се вели дека се формира структурата на фондот за енергетска ефикасност и дека општините се охрабруваат да преземат чекори за целосно почитување на нивните обврски за развој и спроведување на програми за енергетска ефикасност.
-Потребата од кохерентна и координирана енергетска политика стана уште поочигледна со енергетските кризи.
Владата треба да го зголеми својот административен капацитет за справување со енергетската политика, стратешкото планирање и инвестициите во енергетскиот сектор, се вели во извештајот од ЕК. Се нагласува дека енергетските кризи ја покажаа зависноста на земјата од јаглен и потребата да се забрза транзицијата кон зелена енергија.
-И термоелектраните Битола и Осломеј работеа на јаглен од ограничени домашни ресурси и увоз.
Недостигот од достапност на јаглен за битолската термоелектрана се уште треба итно да се реши, со инвестирање во нови обновливи извори.
Што се однесува до внатрешниот пазар на енергија, националното рамковно законодавство е во согласност со третиот енергетски пакет на ЕУ за гас и електрична енергија, а пазарите на електрична енергија и гас во земјата се отворени за конкуренција.
Сепак, се чека транспонирањето и имплементацијата на новоусвоениот пакет за интеграција на електрична енергија. Операторите на мрежата за пренос и дистрибуција на електрична енергија се раздвоени, во согласност со правото на ЕУ. Операторот на системот за пренос на гас сè уште не е сертифициран како што налага третиот енергетски пакет, се вели во извештајот од ЕК. Се потсетува дека се усвоени измените на Законот за енергетика, со кои се транспонира Регулативата за интегритет и транспарентност на пазарот на енергија на големо (REMIT) и регулативите TEN-E.
-Треба да се промовира оптимизирање на услугите за балансирање и инвестиции во пренос на енергија и складирање енергија за да се подобри интеграцијата на обновливите извори на енергија во мрежата.
Неопходна е надградба на мрежниот систем. Ограничувањето на капацитетот по тип на технологија за обновлива енергија треба да се отстрани за да се овозможи постигнување на целите за обновлива енергија до 2025 година. Електронски систем за издавање, пренесување и откажување гаранции за потекло не е воспоставен. Производителите на електрична енергија се поддржани со правилникот за обновливи извори на енергија, а имплементацијата треба да се подобри.
Процедурите за поставување фотоволтаици на згради се комплицирани и пречка за нови инвестиции. Владата усвои патоказ за праведна транзиција и механизам за координација за управување и следење, во јуни 2023 година, се дел од констатациите во извештајот. Транзицијата кон чиста енергија, се додава, треба да вклучи мерки за ублажување на негативните социјални и економски влијанија од планираното постепено укинување на електраните на јаглен.
-Пристапот на трети лица до инфраструктурата за природен гас е во согласност со правото на ЕУ, но транспарентноста треба да се подобри.
Работите за изградба на гасоводот меѓу Скопје, Тетово и Гостивар напредуваат. Тендерската постапка за доделување на јавно приватно партнерство за систем за дистрибуција на гас е во тек, се посочува во извештајот во делот за гас. Се нагласува дека Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) е функционална и дека продолжила да демонстрира регулаторна независност.
-Комисијата за заштита на конкуренцијата спроведе истрага за продажба на електрична енергија на универзалниот снабдувач.
Државниот завод за ревизија изврши повеќе ревизии во врска со енергетските кризи и операторите. Операторот на електропреносниот систем МЕПСО мора да се осврне на наодите од ревизорските извештаи за 2016 и 2023 година и да го подобри своето работење, се вели во извештајот. Се препорачува Законот за минерални суровини да се усогласи со Директивата за лиценцирање на јаглеводороди.
-Законот за енергетска ефикасност е усогласен со Директивата за енергетска ефикасност и Директивата за енергетски карактеристики на зградите.
По последните измени на Директивата за енергетска ефикасност, во тек е ажурирањето на Законот за енергетска ефикасност. Имплементацијата на сегашното законодавство не е подобрена. Барањата за сертификација за енергетски карактеристики за згради не се применуваат според законската регулатива, се истакнува во извештајот.
Се потсетува дека земјава ги има ратификувано релевантните меѓународни конвенции за нуклеарна енергија, нуклеарна безбедност и радијациска заштита и е полноправна членка на системот за итна размена на радиолошки информации на Европската заедница (ECURIE).
Сепак се вели дека земјава се уште нема поставено долгорочно и безбедно складирање на радиоактивен отпад и дека треба да се зајакне капацитетот на Дирекцијата за радијациона сигурност.
Во извештајот се констатира дека усвојувањето на законодавството за имплементација останува предизвик поради ограничениот човечки и технички капацитет во Секторот за енергетика на Министерството за економија и Агенцијата за енергетска ефикасност.
Енергетската политика на ЕУ го опфаќа снабдувањето со енергија, инфраструктурата, внатрешниот пазар на енергија, потрошувачите, обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност, нуклеарната енергија и нуклеарната безбедност, заштитата од радијација и нуклеарните заштитни мерки.