Актуелно 13.11.2023 12:59

ЕК: Македонија e добро подготвена во делот на безбедноста на храната

ЕК: Македонија e добро подготвена во делот на безбедноста на храната

Северна Македонија има добро ниво на подготовка во делот на безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика, оценува Европската комисија (ЕК) во Извештајот за напредокот на земјава.

Според ЕК, постигнат е одреден напредок во периодот на известување, особено во борбата против болестите кај животните, контролата на здравјето на растенијата и спроведувањето мерки за искоренување на штетниците.

Комисијата посебно се осврнува на пестицидите. Укажува дека е потребно уште многу работа за да се соберат веродостојни податоци за нивната употреба, како и за нивното влијание врз здравјето на луѓето.

-Постигнат е одреден напредок во фитосанитарната политика, но мерките за одржлива употреба на пестициди не се спроведени, забележува Комисијата.

ЕК нагласува дека препораките од минатата година не се исполнети поради што и натаму важат.

-Наредната година Северна Македонија треба да ги усвои законот за безбедност на храната и законот за здравјето на животните, да ги зајакне капацитетите за анализа на податоци во Агенцијата за храна за ветеринарство, како и да спроведе мерки за одржлива употреба на пестициди, препорачува ЕК.

Комисијата наведува и дека е постигнат одреден напредок во пласирањето храна, добиточна храна и нуспроизводи од животинско потекло.

-Донесен е ревидираниот Закон за нуспроизводи од животинско потекло. Постигнат е одреден напредок и во однос на правилата за безбедност на храната. Законодавството беше изменето во декември 2022 година за да се усогласи со законодавството на ЕУ за специфичните барања за микробиолошки критериуми за храна. АХВ продолжи со спроведување на Програма за следење на безбедноста на храната, но податоците треба дополнително да се анализираат, нотира Европската комисија.

Извештајот се осврнува и на специфичните правила за добиточната храна.

-Законодавството беше усогласено со барањата на ЕУ за преработените протеини и со процедурите за земање мостри и лабораториски испитувања. Агенцијата продолжи да спроведува програма за следење на безбедноста на храната и собра 90 отсто од планираните 500 мостри за добиточна храна, посочува ЕК.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), оценува ЕК, има Програма за активен и пасивен надзор за различни болести, но собирањето, верификацијата и анализата на податоците не се доволни.