Само за петнаесет минути, градоносен облак силно удри врз летнината на четири села во Битолско- Долно Српци, Беранци, Вашарејца и Ивањевци и го уништи родот на петстотини хектари со тутун, градинарски култури и жито. Тамошните жители се силно вознемирени и не можат да го добројат зијанот што им го направи невремето.
– Фате огромно невреме проследено со незапамтлив град и гледате самите, уништи с`е. За петнаесет до дваесет минути е уништено целото поле- рече Драги Ќебаповски, земјоделец од с. Долно Српци.-Овде најповеќе е оштетено тутунот и пиперот. Тутунот е доведен на нула. Во развиток на лисјето од него нема ништо што да се бери оти тој е веќе на нула- рече неговиот сосед Љупчо Зајаковски.
Бидејќи речиси и да нема семејство што не претрпе штета, очекуваат помош од надлежните институции.
– Вторник ќе има вонредна седница на Совет, а од среда натаму ќе има пријавување- рече Илче Дамевски,советник во Општината Могила.- Се надеваме Државата нешто да ни излезе во пресрет и малку да ни покрие ако има можности, ако не, тогаш Бог- рече Димче велјанчевски од с. Долно Српци.
Веднаш после вонредната седница на Советот на Општината Могила што ќе се одржи во вторник, од среда земјоделците треба да ја пријават штета кај проценителите на Општинската комисија. Во овие четири села има над илјада жители кои егзистенција остваруваат исклучиво од земјоделие, овој пат очекувајќи помош од Државата за да ја преживеат годинешната реколта.