Министерот за економија Крешник Бектеши денеска јавно побара повторно да се преговара една од трите стратешки инвестиции во областа за енергетиката, кои се во собраниска процедура и се поднесени за донесување по скратена постапка. Бектеши не прецизира за која стратешка инвестиција станува збор, но рече дека забелешките се однесуваат на доделување два или три пати државна помош за истата инвестиција, што е недозволиво, како и дека таков пример не е познат ниту во регионот, ниту пошироко.
„За мене е спорно, а тоа го слушаме и од експертите и анализите кои ги правиме, за лиценцирани, рентабилни, профитабилни инвестиции да се дава директна државна помош од страна на Владата. Зошто ова го кажувам, поради тоа што мислиме дека таквите инвестиции кои веќе имаат еден вид на државна помош, индиректна, било тоа да се фидинг тарифи или договори за откуп на електрична енергија, веќе ја користат државната помош од страна на Владата“, рече Бектеши одговарајќи на новинарски прашања на прес конференција.
Тој посочи дека двојна државна помош би била спорна согласно тоа што го добиваат во делот на анализите.
„Не знам дали има ваков пример, не во регионот, туку и во другите држави, една инвестиција да има два или три вида државна помош. За една да, и тоа го прават сите држави во светот. Но, да има две или три, мислам дека тоа би било спорно и дека треба многу внимателно да се гледаат тие предлози и барања од стратешките инвеститори“, нагласи Бектеши.
Тој објасни дека согласно стратегијата за развој на енергетиката, како и од законските прописи кои произлегуваат од Законот за енергетика, и оние кои допрва ќе произлезат со оглед дека во подготовка е нов закон за обновливи извори на енергија, има уредби и правилници кои утврдуваат начини на поддршка за поттикнување на инвестиции во делот на обновливи извори на енергија.
„Што значи ова. Претходно имавме механизми и мерки во вид на фидинг тарифи со цена која беше утврдена за одреден период и сега ги сменивме каде што дополнително дадовме можност за нашата државна компанија, во овој случај ЕСМ, да може да склучи и договори за откуп на електрична енергија согласно критериумите кои се во интерес на ЕСМ и согласно динамиката за производство на електрична енергија од страна на ЕСМ. Тоа за мене не е спорно, бидејќи тоа е во рамки на преговорите кои генерално ги прави ЕСМ за нивните потреби кои го снабдуваат универзалниот снабдувач, а воедно и малите потрошувачи“, рече Бектеши.
Инаку, тој на прес-конферецијата беше прашан дали како Министерство за економија ќе овозможат законите за стратешки инвестиции да се носат во редовна законска процедура, за да се слушне и гласот на експертите кои искажаа бројни забелешки, а не по брза постапка, како што се предложени.
Бектеши одговори дека денеска имал консултации со експертите и со советниците во Министерството за економија од областа на енергетиката како и со надворешни советници и со вработените во секторот за енергетика.
„Во делот на тие предлог закони за стратешки инвестиции кои се пратени во Собранието, го имам кажано ставот и во Владата. Во медиумите излегува дека предлогот го дало Министерството за економија, но не е така. Во делот на Законот за стратешки инвестициии има формирано комисија од одредени членови и Министерството за економија само го врши формалниот дел за да се прикачи на седница на Владата одреден предлог договор или во овој случај предлог закон каде што анекс е договорот кој вие сте го виделе и кој веќе е објавен“, објасни Бектеши.
Тој додаде дека за некои од тие стратешки инвестиции лично тој заедно со неговите советници има одредени работи за кои мислат дека треба да бидат променети или пак да се репреговараат со заинтересираните страни.
„За одредени инвестиции, моментално се три, за една од нив имам мои сомневања дека треба да се репреговара, бидејќи ние како Министерство за економија не сме биле директно вклучени во преговарањето. За двете други мислам дека веќе имаме анализи од многу реномирани меѓународни институции кои се следени и во тој дел сите тие нивни препораки се инкорпорирани во постоечките законски решенија и предлог договори кои што се анекс на законските решенија“, рече Бектеши.
Затоа, како што додаде, во понеделник или во вторник како Министерство за економија ќе бараат дополнително објаснување од тимот кој бил вклучен во преговорите и тоа што е прифатено од страна на комисијата која е формирана од Владата за една од инвестициите кои веќе се во собраниска процедура.
„Ако е потребно, ние како Министерство сме подготвени и формално правно да бараме враќање на одредени решенија во владина процедура за да може да се преговараат повторно“, рече Бектеши.
Запрашан дали конкретно станува збор за инвестицијата „Митилинеос“, за која се предвидени и даночни олеснувања, задолжителен откуп на електрична енергија, но и директна државна помош од 50 милиони евра, Бектеши одговори дека не би сакал да ја наведе компанијата заради тоа што не би било фер од негова страна.
„Има три стртаешки инвестиции кои се пратени од страна на Владата во Собранието. За една од нив мислиме дека треба се репреговара со потенцијалниот стратешки инвеститор за одредени работи имајќи ги во предвид мислењата од надлежните институции каде што се вклучени Државниот правобранител, Комисијата за заштита на конкуренција, министерствата за финансии, за транспорт и врски, земјоделство, животна средина, потоа ЕСМ, МЕПСО и други институции кои треба дополнително да го дадат своето мислење“, рече Бектеши.
Инаку, во Собранието се доставени четири договори за стратешки инвестиции за изградба на капацитети од обновливи извори. Станува збор за предлог законите за реализација на стратешките проекти „Соларна електрична централа – Пехчево“, на инвеститорот на стратешкиот инвеститор, ХЕК „Солар“ МК ДОО Негрево, Пехчево, вреден околу 51,9 милиони евра, потоа за Стратешкиот инвестиционен проект „Соларен парк Стипион“, на стратешкиот инвеститор, „Остро солар“ ДООЕЛ Скопје за изградба на фотонапонска централа од 400 мегавати, вредна 270 милиони евра, третиот е инвестиционен проект „Митилинеос“ за когенеративна постројка Скопје и четвртиот е стратешкиот инвестициски проект АИМ „Греен тец“, на стратешкиот инвеститор, АИМ „Греен Тецх“ ДООЕЛ Скопје кој предвидува комбинација од три технологии: соларна енергија, мотори на гас (технологија која е компатибилна и со водород, правејќи ја адаптирана на иднината) и можност за батерии за балансирање на мрежата, како што се наведува во образложението на предлог законот досатвен до пратениците.
Во јавната реакција на Здружението на инженери, упатена до пратениците во Собранието се посочи дека ваквите стратешки инвестиции треба да ги реализира државата. Во реакцијата посебно беше издвоен проектот „Митилинеос“ за когенеративна постројка Скопје, за кој тие сметаат дека и тој, но и другите три имаат „слични многу штетни последици за иднината на Македонија“, како и дека Македонија годишно ќе губи помеѓу 15 и 35 милиони евра заради обврската да се купуваат од „Митилинеос“ произведената електрична и топлинска енергија. ()