Многу граѓани во Скопје изразуваат недоволство поради високите цени на бурекот и на белите печива.
Иако цената на брашното веќе некое време е замрзната, рестораните и бурекчилниците не се решиле да ја рефлектираат оваа промена на своите цени. 53-годишниот Стојан Димишков од скопската населба Влае, кој работи како ѕидар и кој секој ден со својата екипа работи на градежни објекти, изразува незадоволство:
„За нас работниците, бурекот и белите печива се основен дел од дневниот оброк. Но, цените се непропорционално високи. Секој ден трошиме огромни пари за појадок од бурекчилниците, а тоа влијае на нашите финансии“, се жали нашиот соговорник.
Иако брашното е една од основните состојки на бурекот и печивата, рестораните и продавниците не се прилагодиле на новите услови. Граѓаните се надеваат дека оваа ситуација ќе биде преиспитана и дека цените ќе се стабилизираат.
Од друга страна, пак, министерот за економија Крешник Бектеши рече дека досега никој официјално не се пожалил на цената на бурекот и на белите печива.
„Во Министерството за економија, но и во извештаите од пазарните инспектори нема поплаки за зголемени цени на белите печива – одговори Бектеши, прашан дали во целост се почитуваат замрзнатите цени и дали е запознаен со податокот дека и покрај тоа што и брашното е во групата на замрзнати производи, граѓаните реагираат дека има зголемување на цените на белите печива.
Тој уште еднаш повтори дека нема никакви поплаки.
Кај нас нема такви поплаки, а такво нешто не сум видел и во неделните и месечните извештаи на ДПИ. Ако има таков проблем, тоа треба да се исконтролира. Се надевам дека со донесувањето на Законот за нефер трговски практики ќе се средат правилата во трговијата на големо и на мало“, рече Бектеши. ()