Од денес нема да важи мерката на Владата за замрзнати цени на дел од прехранбените производи и безалкохолните пијалоци. Одлуката на Владата беше со важност до 29 февруари и со неа гарантирани цени имаше за ориз, брашно, леб и други пекарски производи, бисквити, наполитанки, тестенини, месо и производи од месо, млеко, јајца, сирење, кашкавал и други млечни производи.
Институциите најавија засилени контроли за да се интервенира во случај на драстично поскапување на производите, со оглед дека законот за нефер трговски практики, со кој се очекува да се амортизира состојбата, уште не е изгласан во Собранието.
Законот за нефер трговски практики е во собраниска процедура. Откако ќе се донесе законот, трговците имаат рок од 6 месеци да склучат нови договори со производителите и дистрибутерите, така што намалување на цените од 20 до 30 отсто ќе може да се почуствува дури од септември.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи кажа дека секое неетичко однесување на кој било трговец ќе се казни.Тој повика да реагираат Комисијата за заштита на конкурентноста и Организацијата за заштита на потрошувачи и повтори дека најсоодветно решение е да се изгласа Законот за нефер трговски практики. ()