Понудата на градежната компанија „Голден арт“ кон акционерите на „Раде Кончар – апаратна техника“ порасна од 5,8 на 7 милиони евра за два месеци! Станува збор за купување на вкупно 8.500 квадратни метри дворно земјиште и деловна зграда на Раде Кончар – заеднички дејности ДОО за што одлучувачки збор имаат акционерите на „Раде Кончар апаратна техника“
Реномираната градежна компанија „Голден арт“, специјализирана за изградба на објекти за колективно домување, ја зголеми за 20% понудата за откуп на земјиште кое припаѓа на „Раде Кончар – Заеднички дејности“ (РК ЗД). За 7.620 квадратни метри дворно земјиште и 878 квадратни метри деловен објект сопствениците на РК ЗД добија понуда вредна 7 милиони евра!
Понудата порасна за 20 отсто за помалку од три месеци. Кон крајот на декември лани понудата на „Голден арт“ изнесуваше 5,8 милиони евра.
Информацијата е официјално потврдена и достапна на СЕИ НЕТ информативниот сервис на Македонската берза за хартии од вредност и целосно е достапна на следниот линк https://www.seinet.com.mk/?docID=66910
Во официјалното соопштение пишува дека собирот на содружници на РК ЗД ДОО донел одлука ја да прифати изменетата понуда и условите за продажба на недвижниот имот. За да се реализира таа трансакција неопходно е акционерите на „Раде Кончар – Апаратна техника“ на вонредно акционерско собрание да гласаат за тој предлог и да го одобрат. „Раде Кончар – Апаратна техника“ поседува 40% од сите удели во РК ЗР ДОО и е неопходно да ја прифати понудата за да може да се реализира таа трансакција.
Доколку биде одобрено „Раде Кончар Апаратна техника“ ќе добие 2,8 милиони евра од продажбата на земјиштето кое е сопственост на РК ЗД ДОО – друштво кое е регистрирано за издавање деловен простор.
Голема е веројатноста дека одлуката ќе помине односно ќе биде прифатена затоа што четири физички лица кои се содружници во РК ЗД ДОО истовремено поседуваат и 28 отсто од акциите во „Раде Кончар Апаратна техника“.
Според најнови официјални податоци од Централниот депозитар „Раде Кончар Апаратна техника“ има над 600 домашни физички лица – акционери.
Најголем поединечен акционер во „Раде Кончар – Апаратна техника“ е Горан Антевски со 8,8 отсто од сите акции со право на глас. Јана Каневче поседува 7,55 отсто, Дарио Стојков поседува 7,35 отсто од акциите, а „Раде Кончар Сервис“ ДОО поседува 7,3 отсто од акциите во таа компанија. Други поголеми поединечни акционери се Велибор Киријас со 6,16 отсто и Владанка Трајкоска со 6,1 отсто од сите акции со право на глас. ()