Македонските иселеници во Англија се соочуваат со големи предизвици при купувањето авионски билети во период на празниците во својата татковина. Според нив, високите цени на билетите ги ограничуваат во можноста да ги дочекаат православните празници со своите семејства и пријатели во Македонија.
Благица Милевска, која веќе неколку години живее во Лондон, истакнува дека ситуацијата е особено критична за празникот Божик, но и за Велигден.
„Оваа година, авионскиот билет од Лондон до Скопје изнесуваше околу 300 евра во еден правец, додека во истиот тој период, билетот до Приштина беше само 30 евра. И замислете, јас и сопругот требаше да платиме вкупно 600 евра за да дојдеме во Македонија. Затоа, купивме билети за Приштина, па тоа задоволство нè чинеше само 60 евра. На аеродромот во Приштина нè пречекаа родителите на сопругот, па за кратко време бевме дома. Сè на сè, вклучувајќи го и горивото и патарините, патувањето од Лондон до Скопје вкупно нè чинеше околу 100 евра, а тоа беше за цели 500 евра поевтино отколку првата варијанта“, раскажа Милевска.
Таа додава дека ваквата разлика во цените е неправедна.
„Знаат дека сите ние иселениците ќе сакаме да ги поминеме празниците со нашите најблиски во Македонија и се обидуваат на сите начини да ја искористат шансата за да заработат. Ова воопшто не е фер од нивна страна – коментира Милевска.
Од друга страна, пак, ќар од ваквата стратегија на авионските компании најмногу имаат таксистите.
Денар разговараше со таксист од Скопје, кој постојано ги следи авионските летови и со своето комбе разнесува патници од аеродромите во Приштина, Ниш и Софија.
„Луѓето ме знаат, бидејќи со години работам како такстист. Најмногу работа секогаш има за време на празниците, бидејќи авионските компании прават измена на цените на летовите и на нашинците им е премногу скапо за да си дозволат директен лет до аеродромот во Скопје. Разликата во цената на летот до Скопје и до Приштина понекогаш е и 10 пати повисока. Цената на такси превозот од аеродромот во Приштина до Скопје изнесува 3.500 денари“, објаснува таксистот. ()