Од добивката на „Тетекс“ Тетово, вредна над 1,5 милиони евра, акционерите ќе поделат 728,4 илјади евра. До реализација на оваа одлука ќе дојде откако ќе биде потврдена на акционерското Собрание закажано за 19 април.
Од минатогодишното работење „Тетекс“ оствари нето-добивка од 94.292.098 денари, од кои за дивиденда се наменети 44.868.890 денари.
Освен за акционерите, дел од добивката – 4.714.605 денари (повеќе од 76,5 илјади евра) оди во законските резерви. Како нераспоредена добивка остануваат 44.708.603 денари (725,8 илјади евра). Според одлуката, на генералниот директор му следува износ од пет проценти од остварената нето-добивка намалена за средствата наменети за законските резерви. Пресметките покажуваат дека се работи за 4,478,874 денари (72,7 илјади евра).
Инаку, дивидендата ќе се пресметува по бруто 110 денари за акција. Нивото е исто како и при исплатата на дивидендата за претходната 2022 година.
Последен ден на тргување со право на дивиденда е седми мај, прв ден на тргување без право на дивиденда е осми мај. Девети мај, пак, е датумот за стекнување право на дивиденда.
Некогашниот текстилен гигант од југословенско време од производството на текстил се откажа во 2020. По производствениот век од цели 69 години, се преориентира кон рентабилни активности. Главниот акционер на ТТК банка остварува приходи по неколку основи – од продажба на готови производи, услуги и од примени дивиденди. ()