Министерот за економија, Крешник Бектеши, на Светскиот ден за заштита на потрошувачите, рече дека е во Стопанската комора на РСМ е испратена листа на разгледување од 2.500 производи кои треба за половина година да поевтинат во маркетите со ограничувањето на рабатот, по усвојувањето на Законот за забрана на нефер трговските практики.
– Листата е подготвена, над 2500 земјоделски и прехранбени производи е испратена во Стопанската комора. За десет дена ќе имаме фидебек со предлози и сугестии од Стопанската комора, а потоа ние ќе ја усвоиме, по што ќе им биде доставена на производителите, дистрибутерите и трговците за да го усогласат своето работење, рече Бектеши.
Министерот додаде дека тоа се пракси кои се воведуваат во ЕУ и додаде дека законското решение, кое за половина година треба да доведе до поевтинување во маркетите, добило поддршка од опозицијата, од сите политички партии и пратеници во Собранието.
– Имаме практика на инклузивен начин да донесеме решенија. Доволни се десет дена за сугестии. После десет дена, на седница на влада ќе биде усвоена листата и ќе започне примената, рече Бектеши.
Тој додаде дека сите заинтересирани страни може да ја побараат предлог-листата, а на производителите им порача да „не паѓаат на финтите на доминантните трговски ланци за време на вакумот од шест месеци“. ()