Куповната моќ опаѓа, но опаѓа и бројот на вработени во земјава. Трет месец по ред се зголемува бројот на невработени во Агенцијата за вработување. Оваа институција ги објави податоците за февруари. Од нив се заклучува дека не запира трендот на зголемување на бројот на лица кои немаат работа. Декември минатата година беше првиот месец во кој овој број почна да расте и тоа значително за околу три илјади лица. Голем број фирми и работодавачи во земјава ги фати паника дека имаат недостиг од работници, па со увоз на работна сила од трети земји се обидува да го намалат недостигот.
„Земјата го заврши декември месец минатата година со 105.452 лица пријавени како баратели на работа. Во јануари годинава имаме ново зголемување на таа бројка, поточно 105.803 невработени, што значи дека на списокот на Агенцијата чекаат 351 ново лице за да најдат работа. Во месец февруари продолжи трендот на зголемување на бројот на невработени, кој се искачи на 106.618 лица, што значи дека веќе во вториот месец од годината имаме 815 нови невработени лица. За само два месеци, 1.166 нови невработени, а во декември се додадоа 2.708, па сега имаме број од 3.874 лица за три месеци“, велат од Агенцијата за вработување.
Додека Агенцијата за вработување сè уште ги нема објавено податоците за март што се совпаѓа со слободниот пристап до пазарот на трудот на „Отворен Балкан“, Стопанската комора на северозападна Македонија вели дека С Македонија е во понеповолна положба во однос на Србија и Албанија. Во моментов на домашниот пазар му се потребни околу 30.000 квалификувани работници и не може да се пополнат ниту 30 отсто од активните невработени апликанти во земјава.
„Тој кадар произведен во текот на овие години повеќе не е неопходен за реалните барања на пазарот. Оние кои бараат работа не ги исполнуваат условите кај нас. Официјалните податоци покажуваат дека имаме висока продукција на економски, правен и административен кадар, додека кај дефицитарните професии имаме стагнација и тоа го продлабочува јазот. Парадоксално е да има 4.000 нови баратели на работа за три месеци, додека приватниот сектор и понатаму има недостиг од работна сила“, рече Дурим Зеќири, Стопанска комора на северозападна Македонија.
Отворањето на пазарот на трудот меѓу Македонија, Србија и Албанија почна на 5 март. Според податоците, по овој основ засега меѓу трите земји се издадени над 2.000 дозволи за работа. ()