На околу 60 илјади вработени во јавниот сектор мартовската плата треба да им биде повисока за нешто над 2.000 денари. Оваа е всушност усогласувањето со минималецот кој се зголемува на 22. 500 денари. Но, одлуката за повисока минимална плата се уште не е објавена во Службен весник. Од ССМ не очекуваат овие вработени да бидат изиграни, затоа што тоа е кривично дело.
Ако го скрати ова работодавачот тоа е кривично дело. На политичарите односно на функционерите сега не им треба таков луксуз да се обидуваат да кратат и од така ниските плати. Да не заборавиме дека станува збор за околу 2.500 денари по работник во јавен сектор, наспроти 2.500 евра плати на функционери и директори кои ќе се обидат на некој начин да го изиграат законот ако случајно има такви, вели слободан трендафилов претседател на ССМ.
Пресметките за мартовските плати веќе се започнати. Од ССМ се надеваат дека повисокиот минималец најдоцна до понеделник ќе биде впишан и во службен весник и потоа службите во сите сектори да ги направат потребите корекции.
-Во текот на утрешниот ден најверојатно ќе биде објавена објавата за висината на минималната плата и работодавачите ќе треба да направат корекција на пресметката за плата за март и сите кои имаат минимална да ја зголемат за околу 2.000 денари. По објавата од страна на економско социјалниот совет ќе биде доставена во службен весник, веројатноста да излезе е до петок или евентуално најдоцна до понеделник, додава Трендафилов.
Ова усогласување со минималната плата е согласно законите и потпишаните колективните договори. Од ССМ велат дека иако има зголемување на платите, тие не се доволни затоа што цените растат многу побргу.
Последните пресметки на синдикатите покажаа дека безмалку 59 илјади денари му требаат на едно четиричлено семејство да ги покрие основните потреби во месецот.
Во март во однос на февруари трошоците се зголемени за над 1.500 денари. Најголем раст има кај храната. Цените во овој дел до скоро беа под контрола со мерката за замрзнување, но Владата одлучи таа да престане да важи. Сега се чека проблемите да ги реши Законот за нефер трговски практики, а до тогаш граѓаните се оставени на совеста на трговците. ()