„Адинг“ е позната и меѓународно призната компанија со уникатна дејност : производство на хемиски материјали за градежништво. Веројатно токму заради тоа и соодносот на добивка од приходи е највисок во споредба со другите големи македонски градежни компании. Дури 24 проценти од приходот од продажба и останал како профит
Акционерите на скопски „Адинг“ годинава имаат реални и големи очекувања за пристојна дивиденда. Компанијата во која поседуваат акции во 2023 година одработи одлично и успеа да ја зголеми добивката за 2,5 пати во однос на претходната 2022 година. Профитот на „Адинг“ минатата година изнесува 2,6 милиони евра односно речиси 7 евра по акција.
„Адинг“ е најдобрата македонска индустрија за хемиски адитиви во градежништвото. Во вкупната продажба домашниот пазар и извозот се речиси изедначени. И лани минимално предничи продажбата во домашното градежништо со 6 милиони евра. Извозот на „Адинг“ лани му донел 5 милиони евра конвертибилна валута. Вкупната продажба на производи кои се користат во градежништвото изнесува 11 милиони евра. При раст на вкупната продажба од 20 отсто „Адинг“ успеал да го зголеми извозот за 58 отсто.
Многу е впечатливо и невообичаено тоа што „Адинг“ лани успеал да ја зголеми вкупната продажба за 20 отсто, а при тоа да не ги зголеми оперативните трошоци на компанијата. Лани тие изнесуваат вкупно 8,2 милиони евра и дури се за 1 отсто пониски од 2022 година.
Една од двете најголеми трошковни ставки е трошокот за суровини и други материјали за што лани се издвоени 3,4 милиони евра, а се намалени за 9 отсто. Втора најголема расходна ставка се трошоците за вработените кои изнесувале 1,9 милиони евра и се зголемени за 19 отсто во споредба со 2022 година.
Оперативната добивка на компанијата изнесува 2,8 милиони евра и во однос на лани е зголемена за 2,3 пати. Тоа е одличен резултат кој укажува на заклучок дека компанијата има силен потенцијал и генерира приходи од својата основна дејност.
Од анализата на билансот на состојба вреди да се истакне дека „Адинг“ е ниско задолжена компанија која нема краткорочни кредитни обврски што значи дека е способна сама да обезбеди тековна ликвидност. И кај долгорочните обврски компанијата има тренд на намалување кредитната изложеност.
Податоците покажуваат дека долгорочните кредити се на износ од 1,14 милиони евра што е за 27 отсто помалку од претходната споредбена година. Во вкупните обврски од 2,5 милиони евра тековните обврски учествуваат со 1,36 милиони евра од кои еден милион евра на крај на 2023 година се обврски кон добавувачи.
Реално е да се очекува дека годинава компанијата може да даде поголема дивиденда од претходните две години во кои приносот по акција беше половина евро. Последната пазарна цена на таа акција изнесува 1.200 денари. Оваа е воедно и највисоката пазарна цена во период од една година. Во споредба со најниската цена во период од една година акцијата на „Адинг“ пораснала за 40 отсто. Најниската пазарна цена на таа акција во период од една година изнесувала 850 денари.
„Адинг“ е специјализирана компанија за хемиски додатоци на материјалите кои се користат за градба на објекти. „Адинг“ постои 55 години и продава свои производи во 13 држави од нашиот регион, земјите на Блискиот Исток и во Азија. „Адинг“ има свои производствени погони во Иран и во Бугарија.
„Адинг“ има 299 акционери мешу кои најбројни се домашните физички лица. Нив ги има вкупно 281, а сите заедно поседуваат 85,25 отсто од акциите со право на глас. Четири домашни физички лица се квалификувани акционери (поединечно секој од нив поседува барем 5% од акциите н.з.), а тие заедно контролираат 25,2 отсто од капиталот. Во сопствен откуп „Адинг“ чува 10 отсто од акциите. ()