Платите на вработените во јавниот сектор низ годините имаат се помалу учество во вкупниот буџет кој државата го троши. Ова го покажала анализата на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, кој исто така утврдиле дека во период од 2010 година па се до 2020 година платите за вработените се намалиле. Но, овој тренд е променет во 2021 и 2022 година кога нивното учесто почнува да се зголемува.
– Првиот е тренд присутен кај платите на административците е намалување во период од 2010-2021, а вториот од 2021-2023 се согледува тренд на зголемување на учеството на платите во вкупните трошоци. Најниска точка е во 2021 година со 10 проценти учество, и највисока во 2010 година со 15 отсто учество – истакнуваат аналитичарите на ЗМАИ во објавениот извештај.
Притоа укажуваат дека согласно Светската Банка, учеството на платите во вкупниот буџет на Република Македонија има тренд на намалување и е под светскиот просек.
Воедно во истражувањето е направена споредба какво е движењето на платите во вкупните трошоци на државите во соседството, поконкретно земени за пример се земјите членки на Отворен Балкан, соседите Албанија и Србија.
Притоа аналитичарите утврдиле дека има намалување на учестото на платите на вработените во јавниот сектор во вкупните расходи на државата.
– Имено, највисоката точка се забележува во 2013 година со 22,37 проценти, и во 2016 година со учество од 21,71 отсто. Во 2020 година учеството е 17,17 проценти. Учеството е пониско од светскиот просек, што може да се гледа позитивно доколку е резултат на стратешки реформи и подобрувања на ефикасноста на вработените во јавниот сектор, без да се загрози квалитетот на јавните услуги. Меѓутоа, доколку помалото учество е резултат на потценети плати тоа може да доведе до недоволно финансирани јавни услуги и да влијае на квалитетот на управувањето.
Споредено со Србија и Албанија се увидува истиот тренд на намалување, и трите земји во последните 10 години се под светскиот просек на учество на плати – посочуваат од ЗМАИ.
Оваа анализа открива дека редовно вработени лица во јавен сектор, согласно податоците кои датираат од 2015 година согласно извештаите на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), покажуваат два тренда, едниот е постојано зголемување, а потоа обратно.
– Во период од 2015-2019 година, освен во 2017 година, има тренд на зголемување на вработувањата, а во период од 2019 година, со исклучок на 2021 година имаме намалување на бројот на вработени – укажуваат аналитичарите.
Притоа е утврдено дека најголем раст број на вработени во јавнот сектор има во 2018 година, кога бил забележан раст од дури 2,6 проценти во однос на претходната година.
Во 2016 и 2020 година, кога се парламентарните избори и во 2017 и 2021 година кога се одржуваат локалните избори, не се забележуваат одредени повторливи трендови. Имено, во 2016 и 2021 година кои се изборни години, има зголемување на бројот на вработените, но во 2017 и 2020 година истиот не се повторува, односно има намалување на бројот на вработени во јавниот сектор.
– Се забележува дека годината по парламентарните избори (ефектот од изборите во 2016 години се согледува во 2018 година, бидејќи Владата се формира во 2017 година), има зголемување на бројот на вработени во јавниот сектор – потенцираат аналитичарите. фактор.мк