Третиот најголем тур-оператор во Европа – германската „ФТИ груп“ поднесе барање до регионалниот суд во Минхен за стечај, јави БТА, повикувајќи се на Ројтерс и ДПА.
Причина за стечајот е намалувањето на резервациите, како и бројните побарувања за авансни плаќања од добавувачите, кои компанијата не може да ги исполни. Стечајот знач дека од утре ФТИ нема да може да ги исполни или само делумно да ги исполни веќе резервираните патувања, што потенцијално ќе влијае на илјадници патници на почетокот на летната туристичка сезона. Ќе настрадаат и партнерските туристички агенции, но и хотелиерите и сите бизниси поврзани со приемот на туристи кои се клиенти на „ФТИ“.
Германскиот министер за економија Роберт Хабек го опиша банкротот како „трагичен настан“, но нагласи дека неговиот оддел не може да обезбеди дополнителна помош за компанијата. Германското Министерство за надворешни работи, туристичкиот сектор и осигурителните компании ќе се грижат за погодените туристи. Портпаролот на одделот посочи дека властите детално ќе истражат како била искористена државната помош што ја добила компанијата за време на пандемијата, во износ од 595 милиони евра.
Околу 11.000 луѓе работат за „ФТИ Груп“ ширум светот, а компанијата нуди тури до над 40 дестинации, вкл. и преку 10.000 партнерски агенции во Германија. Во финансиската 2022/23 година, годишната продажба на компанијата изнесува 4,1 милијарди евра.